Писториус ги отфрли повиците на СПД за промена на политиката кон Москва
- - Овој империјалист во Кремљ не сака да преговара, ниту пак сака мир, изјави Писториус.
Берлин, 27 јуни 2025 (МИА) – Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска остро ги отфрли повиците за промена на политиката кон Русија за време на партиската конференција на неговата Социјалдемократска партија (СПД), укажувајќи на реалностите што ги наметнува рускиот претседател Владимир Путин.
- Овој империјалист во Кремљ не сака да преговара, ниту пак сака мир, изјави Писториус.
Тој нагласи дека станува збор за „надополнување на одбранбените капацитети, а не за вооружување, со цел Германија да се изедначи со НАТО“.
- Ако се повлечеме од ова и се скриеме во копнежот за мир – што може да е разбирливо, но сега не е корисно – ќе изгубиме драгоцено време, додаде министерот, истакнувајќи дека Путин го разбира само „јазикот на силата, а не на закани“.
Писториус одговараше на партискиот ветеран Ралф Стегнер, коавтор на документ што повикува на промена во германскиот пристап кон Русија. Стегнер, пак, рече дека постои консензус за потребата од зајакнување на одбранбените капацитети, но праша дали „ова лудо вооружување е вистинскиот пат“. Тој исто така изрази сомнеж за напорите за враќање на задолжителниот воен рок.
Германската СПД често е критикувана за историските симпатии кон Москва во рамките на партијата, особено по руската инвазија на Украина во 2022 година, потсетува германската агенција ДПА. ссм/
фото: ДПА