• петок, 05 декември 2025

Пиеракакис: Ги продлабочуваме односите со Германија и инвестираме во обединета и посилна Европа

Пиеракакис: Ги продлабочуваме односите со Германија и инвестираме во обединета и посилна Европа

Атина, 24 ноември 2025 (МИА) – Билатералните односи меѓу Грција и Германија се посилни од кога било досега. Ова имавме можност да го констатираме на средбата со вицеканцеларот и министер за финансии на Германија Ларс Клингбајл, истакна министерот за национална економија и финансии на Грција Кирјакос Пиеракакис по средбата со неговиот германски колега во Берлин, јави дописничката на МИА од Атина.

Двајцата министри разговарале за билатерални односи и нивното продлабочување во инвестициите, за билатералната трговија и за европските прашања, а како што информираа од Министерството за национална економија и финансии на Грција, Пиеракакис и Клингбајл се согласиле дека меѓународните предизвици „ѝ наметнуваат на Европската Унија да го забрза, со брзи и координирани потези, продлабочувањето на економската и финансиската интеграција“.

Пиеракакис го информирал неговиот колега за закрепнувањето на грчката економија и за постигнатиот напредок, посебно се осврнал на дигиталната трансформација на земјата, посочувајќи дека „дигитализацијата беше и останува двигател на развојот и транспарентноста“.

Разговарале и за заедничките ставови околу тоа како треба да се продлабочи европскиот заеднички пазар.

- Унијата за штедење и инвестиции е и германска и грчка цел. Отстранувањето на пречките што постојат меѓу земјите-членки на Европската Унија е нешто што нè засега сите нас, за да можеме да постигнеме уште поголеми стапки на раст на европскиот континент. Во Грција минатата недела имавме важен развој на ова поле: аквизицијата на Атинската берза од Euronext. Канцеларот Мерц неодамна зборуваше за една единствена европска берза, рече Пиеракакис по средбата со германскиот министер.

Додаде дека ова е визија што и ја споделува и Грција, а тоа се потврдило и минатата недела со интегрирањето на земјата во поширок капитален пазар.

- Грција и Германија, заедно ги продлабочуваме нашите билатерални односи и заедно инвестираме во Европа, која функционира уште поефикасно и уште побрзо во корист на сите нас, порача грчкиот министер. ср/сд/

Министерството за национална економија и финансии на Грција

Остани поврзан