• среда, 25 декември 2024

Пивофест помина во одлична организација и со околу 120 000 посетители, велат организаторите

Пивофест помина во одлична организација и со околу 120 000 посетители, велат организаторите

Прилеп, 18 јули 2022 (МИА) - Пивофест 2022 помина беспрекорно и апсолутно организирано со масовна посетеност. Безбедноста беше на високо ниво, оценија организаторите, прилепската локална самоуправа и продукцијата „Арт 10“ на денешната прес-конференција по завршувањето на четиридневниот 18-ти по ред Пивофест.

Според организаторите, на сите фестивалски вечери имаше околу 120 000 посетители, најмногу за време на викендот, и тоа од земјава, од странство и нашите иселеници кои, велат, ја продолжија традицијата за време на Пивофест да бидат во Прилеп.

Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп вели дека за одличната организација на фестивалот организиран по двегодишната пауза и тоа во кусо време, заслужни се сите.

-Имавме одличен, организиран четиридневен фестивал во весела атмосфера со бројни посетители сите денови. За тоа се заслужни сите: големиот број изведувачи, угостителите, јавните комунални претпријатија кои ја одржуваа чистотата, граѓаните кои ја дадоа поддршката и гостите и поситетелите од цела Македонија, од соседството, како и нашинците од странство дојдени на Фестивалот. Четирите фестивалски дена поминаа од 100 000 до 120 000 посетители. Јавното комунално претпријатие за овие фестивалски денови подигна околу 50 тони смет и секое утро по фестивалската вечер градот беше исчистен. Обезбедени беа доволен број паркинг места, примивме околу 3 000 автомобили. Посетителите дадоа придонес и во подобрувањето на економската ситуација. Со оглед дека за кратко време беше организиран Фестивалот може да бидеме задоволни од организирацијата и посетеноста, смета Јовчески.

Пеце Стојкоски од Арт 10 продукцијата, организатор на Фестивалот вели дека задоволството е поголемо поради кусото време на организирање, неполн месец и потребата на прилепчани да ја продолжат речиси дведецениска фестивалска традиција.

-Задоволни сме како помина фестивалот. Во изминатите четири денови Прилеп покажа убав Фестивал со масовна посетеност, голем број учесници. Бидејќи главно беа македонски изведувачи, секако и со гости од Балканот, но, покажаа дека може да соберат 30-илјадна, па и повеќе публика во една вечер. Особено во викендот кога беше посетеноста најамасовна. Задоволни сме од организацијата. Безбедноста беше на високо ниво зашто совршено функционираа активностите на полицијата и фестивалското обезбедување. Имавме над 120 000 посетители сите четири фестивалски дена, изјави Стојкоски.

Што се однесува до хонорарите на 30-тина изведувачи на големата и 10-тина на алтернативната сцена, од Општината велат дека во буџетот за фестивалот беа предвидени 2 милиона денари, што е поскромно од изминатите години. Од нив, Општината исплати 1,4 милиона денари на авторските куќи кои ги застапуваа „Дивље јагоде“, „Галија“, Игор Џамбазов и Гуру Харе, а уште по 300 000 денари на застапниците на Влатко Лозаноски и на Некс тајм.

Од „Арт 10“ продукцијата велат дека годинава изведувачите добија хонорари кои се движеа од 700 евра па до највисокиот, 10 000 евра за настапот на Фестивалот. ем/сст/

Остани поврзан