• вторник, 24 декември 2024

Петрова со реакција на прес-конференцијата на Манолева

Петрова со реакција на прес-конференцијата на Манолева

Скопје, 12 февруари 2024 (МИА) - По барање на министерот за финансии Фатмир Бесими, Државната изборна комисија на 9 февруари донесе одлука, што ја добивме денеска, со која утврди дека предметите и актите што биле доставени до мене, како дополнителен заменик министер за финансии, а се однесуваат на унапредувања и вработувања, не претставуваат акти или документи што се однесуваaт на правни, финансиски и кадровски прашања, поврзани со организацијата на изборите, од член 46 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија. Оваа одлука е конечна, пишува во соопштението на дополнителната заменичка на министерот за финансии во техничката Влада, Елена Петрова, која како што вели, реагира на денешната прес-конференција на заменичката на министерот за здравство, Маја Манолева.

- Јас како дополнителен заменик министер за финансии не се согласувам со Одлуката и истата ќе ја оспориме пред надлежниот суд. Одлуката не е донесена едногласно, односно е донесена со мнозинство од страна на членовите на Државната изборна комисија, а во прилог на образложението е доставено издвоено мислење од претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски и членот Бобан Стојаноски за несогласување со донесената одлука. Донесената одлука ќе ја почитувам и на понатамошна исклучива надлежност и потпишување ќе ги доставам сите акти и документи што се однесуваат на следното: согласности за вработувања на неопределено време, определено време и по договори на дело за повеќе институции; согласности за унапредувања за повеќе институции; согласности за преземање на работници од повеќе институции; измена или склучување на нови колективни договори со кои се одлучува за права од работен однос од повеќе институции, пишува во соопштението.

Петрова потенцира оти од увидот во документите, „заклучив дека определен дел од истите се доставени до министерот за финансии во месеците декември и јануари, односно многу порано пред формирањето на преодната влада и истиот, доколку сакал, имал доволен период да ги реши овие прашања“.

- Сметам дека е непринципиелен и нефер овој однос кон овие институции односно лица да не им се издаваат бараните согласности во периодот пред формирањето на преодната влада, кога министерот имал реална можност да го направи истото. Доколку имал искрена намера до сега ќе им бил решен статусот, меѓутоа очигледно е дека не постоела волја, туку само обид за затскривање и барање алиби со тактизирање и чекање на стапување на функција на дополнителниот заменик министер за финансии. Истото се однесува и со склучување нови колективни договори, или давањето на согласности за анекси на колективни договори, со кои се регулираат правата од работен однос на вработените од јавниот сектор, пишува Петрова.

Таа додава дека „како дополнителен заменик министер, не сум била пречка за остварување на правата на овие лица, туку, напротив, барав да го усогласиме нашето постапување согласно законските одредби што се применуваат во овој предизборен период. За истото побарав мислење и од надлежната Државна комисија за спречување на корупција, но, сѐ уште немам добиено никако одговор“.

- Воедно истакнувам дека се оградувам од секаква одговорност при преземањето на какви било дејствија од страна на министерот за финансии во однос на наведените предмети, истакнува Петрова. бд/дма/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан