• сабота, 23 ноември 2024

Петрова: Бележиме рекорден буџетски дефицит, пари за поголеми плати и пензии не се обезбедени, нема средства ниту за вработување на 1 117 здравствени работници

Петрова: Бележиме рекорден буџетски дефицит, пари за поголеми плати и пензии не се обезбедени, нема средства ниту за вработување на 1 117 здравствени работници

Скопје, 9 април 2024 (МИА) - Дополнителниот заменик министер за финансии во техничката Влада, Елена Петрова, денеска, на брифинг со новинарите, соопшти дека за три месеци и седум дена од оваа година е остварен рекорден буџетски дефицит, повисок за 126 отсто во однос на истиот период лани. Како што истакна Петрова, во Буџетот нема пари за поголеми плати и пензии, ниту има средства за вработување на 1 117 здравствени работници.

Според анализите на Кабинетот на Петрова, потфрла и наплатата на приходите кај даноците на потрошувачката, кај ДДВ континуирано, во целиот прв квартал, а кај акцизите во март. Нема транспарентност за повратот на ДДВ зашто Министерството за финансии (МФ) и Управата за јавни приходи објавуваат само колку поврат е исплатен, но не и колку должат кон стопанството. Податоците што ги изнесе Петрова покажуваат дека 74 милиони евра невратен ДДВ е долгот на крајот на првиот квартал, плус 16 милиони евра камата за доцнење на исплатата и повеќе од една година старост има една десетина од невратениот ДДВ. Во првиот квартал годинава се исплатени 176 милиони евра поврат на ДДВ што е минусна ставка во ДДВ приходот, а во законски рок се вратени помалку од четири отсто од овој поврат.

Новата влада, оцени дополнителниот заменик министер, ќе биде пред голем предизвик во однос на обезбедувањето на потребните средства во државната каса и ќе треба веднаш да пристапи кон изготвување ребаланс на Буџетот.

-Владата во заминување, како и лани, така и сега пред избори, се расфрла со трошења. За само три месеци и седум дена од оваа година се потрошени три четвртини од планираниот буџетски дефицит за цела 2024 година. Овој дефицит е рекорден и повисок за 126 отсто во однос на истиот период во 2023-та. МФ вчера се пофали со повисока наплата на приходите во Буџетот во однос на минатата година, но работите не стојат сосема така. Наплатата на приходите кај даноците на потрошувачката потфрла, кај ДДВ континуирано, во целиот прв квартал, а кај акцизите во март. Овие приходи бележат потфрлање и покрај одмрзнувањето на цените и растот на инфлацијата во март, што значи дека приватната потрошувачка се намалува, односно граѓаните не купуваат поради високите цени, рече Петрова на брифингот. 

Буџетскиот дефицит, напомена, се троши за финансирање на тековните расходи, а не за капиталните расходи кои се само седум проценти во структурата на вкупните расходи, со што е всушност прекршено златното буџетско правило дека буџетскиот дефицит треба да биде поголем од капиталните расходи. 

-Вчера МФ се пофали и со реализирани исплати за антикризни мерки, социјални трансфери и слично, со пораст во однос на минатата година. Но, тука мора да се изнесе фактот дека сите овие буџетски расходи во овој период имаат пораст во однос на минатата година кој е скоро пет пати поголем од порастот на приходите и тие се покриваат со задолжувања, односно со рекордниот буџетски дефицит. Како и до сега, продолжува неефикасноста на Владата, односно на министерствата и органите во нејзин состав, да реализираат капитални расходи, истакна дополнителниот заменик министер.

Пред нас се, укажа, уште три квартали од оваа година, а според досегашните исплати, видно е дека во Буџетот не се планирани доволно средства за плати, пензии, лекови,...

-Врз основа на исплатените износи на плати во јавната администрација и пензии во првиот квартал, односно порастот во однос на истиот период лани, произлегува дека не се обезбедени околу 26 милиони евра за пораст на платите и околу 70 милиони евра за пораст на пензиите, што е вкупно околу 96 милиони евра по двата основа. Кога Димитар Ковачевски го најави пакетот антикризни мерки од 662 милиона евра, нагласи дека за зголемување на платите во администрацијата се обезбедени 150 милиони евра, но ако порастот на платите за само еден квартал е 44 милиони евра, значи дека не се обезбедени потребните средства за раст на платите цела година. Исто и за пензиите, најавата на Ковачевски беше дека за цела година се обезбедени 178 милиони евра, но произлегува дека не се обезбедени средства за раст на пензиите, подвлече Петрова.

Во врска со здравствените работници, објасни дека во Буџетот се обезбедени средства само за исплати на плати по основа на договор за дело. 

-Министерството за здравство во јануари годинава сакаше да ја префрли одговорноста за вработување на 1 117 лица, но информациите покажуваат дека во Буџетот на Фондот за здравство и здравствените установи не се обезбедени средства за плати за 1 117 луѓе, туку се обезбедени средства само за исплати по основа на договор за дело. Алармантнто е и барањето на Фондот за здравствено осигурување доставено до Владата во март годинава, за зголемување на буџетот за 2,7 милијарди денари како разлика меѓу утврдениот условен надоместок за лекови и повисоките барања по тој основ од јавните здравствени установи, рече Петрова. мч/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан