Петнаесетмина интернационални издавачи и литературни агенти на 12. „Скопје фелоушип“ во рамки на „ПРО-ЗА Балкан“
- Во рамки на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, професионалци од областа на издаваштвото од 14 земји ќе ги следат настапите на писателите, ќе остварат средби со претставници на МАИ и ќе учествуваат на тркалезна маса „Војни, вештачка интелигенција, литература“, стои во соопштението на „ПРО-ЗА Балкан“ кое МИА го пренесува интегрално.
Скопје, 12 септември 2025
Во рамки на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, професионалци од областа на издаваштвото од 14 земји ќе ги следат настапите на писателите, ќе остварат средби со претставници на МАИ и ќе учествуваат на тркалезна маса „Војни, вештачка интелигенција, литература“, стои во соопштението на „ПРО-ЗА Балкан“ кое МИА го пренесува интегрално.
Претставник на италијанскиот гигант „Џунти едиторе“, поранешна директорка во „Рандом хаус“ и актуелна уредничка на британска издавачка куќа, еден од најугледните издавачи на книги за деца од Украина, шпанскиот издавач на Јосип Коцев, унгарскиот издавач на Румена Бужаровска, претставничка од ТРАДУКИ, директор на литературна агенција од ОАЕ, претставник на Интернационалната алијанса на независни издавачи и уште многу издавачи од Европа ќе бидат дел од програмата „Скопје фелоушип“, на 13. Интернационален литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан. Фестивалот ќе се одржи од 21 до 23 септември во Скопје.
Во програмата „Скопје фелоушип“ традиционално учествуваат врвни издавачи и литературни агенти од целиот свет, со цел македонската литература да се доближи и претстави пред меѓународната читателска публика. Учесниците на програмата ќе остварат средби со претставници на Македонската асоцијација на издавачи, ќе ги следат настапите на писателите и ќе учествуваат на тркалезна маса „Војни, вештачка интелигенција, литература“.
Учесници на 12. „Скопје фелоушип“ ќе бидат: Прашант Патак од Италија, Тасја Доркофикис, Иван Федечко, Марко Видал Гонзалес, Франтишек Малик, Силвија Куцоги, Ида Антонела (Дела) Пасарели, Марта Гурска, Катрин Реинма, Катажина Домањска, Аленка Урх, Александра Ц. Апостолаки, Саша Крниќ, Ана Шлосбауер и Тамер Саид. Дел од учесниците на „Скопје фелоушип“ се дел и од проектот „Нашата мала библиотека“, во која учествува и „Прозарт медиа“, организатор на фестивалот.
ПРО-ЗА Балкан
Фото: ПРО-ЗА Балкан