• сабота, 23 ноември 2024

„Петар Пан“ - детска балетска претстава која зборува за вредноста на љубовта на 31 март премиерно во НОБ

„Петар Пан“ - детска балетска претстава која зборува за вредноста на љубовта на 31 март премиерно во НОБ

Скопје, 23 март 2023 (МИА) - Детската балетска претстава „Петар Пан“ на 31 март премиерно ќе се прикажува во просториите на Националната опера и балет (НОБ). Претставата ќе биде изведена од децата од балетското студио „Арт Балетот“ во Скопје, а оригиналноста е во сонговите кои ги пее Ѕвончица во сцените. Главното мото на претставата е „Од деца за деца“ и истата зборува за вредноста на љубовта.

Сценариото е на Ристо Самарџиев, кој е и автор на сонговите. Музиката е дело на Владимир Дојчиновски, а за режијата и кореографијата е задолжена Ирена Лозинска.

Сценографот е Љупчо Јованов, а костимографиите се на Елена Вангеловска. Сонговите се во изведба на Миа Кантарџиева Петровска и Амернис Нокшиќи.

Во овој музичко балетски спектакл учествуваат 56 деца од балетско студио „Арт балет“, заедно со Веселин Трајковски и Ницолас Алехандре Хоурсеау, гостите при балетскиот ансамбл. Продукцијата е на  М-Соунд.

Петар Пан претстава, прес конференција фото/МИА

Владимир Дојчиновски на денешната прес-конференција рече дека музиката во претставата е со оркестарски призвук, а целата претстава посетителите може да ја доживеат токму преку сонговите на Ѕвончица. 

- Има шест сцени, имаме многу чудесии, самата музика ги следи сите тие чудесии, имаме теми главни на Петар Пан, на капетанот Кука, на Ѕвончица, теми на Индијанци, на пирати...Најоригиналниот дел од оваа изведба на Петар Пан, бидејќи е дело за кое до сега има направено многу театарски претстави и филмови, е тоа што низ целата музика проткајуваат сонгови кои ги пее Ѕвончица и кои се преубави, сите се во различна динамика и ние преку тоа пеење ја доживуваме целата претстава, додаде Дојчиновски.

Ирена Лозинска потенцираше дека сонговите се направени на три јазика, на македонски, албански и ромски јазик, а во подготовка е и на турски јазик.

- Со оглед на тоа што сонговите се на три јазици, значи сите деца можат да бидат опфатени, да дојдат на претставата, бидејќи децата ова го заслужуваат. Во нашиот случај, Ѕвончица е таа што ги кажува сцените, од сцена во сцена. Има вкупно седум сонгови, преку кои таа однапред ги раскажува следните сцени, појасни Лозинска на прес-конференцијата.

Во однос на кореографијата, таа рече дека се обидувала максимално да ја прилагоди кон возраста на децата а како што рече, самиот стил на кореографијата е класично модерен.

Петар Пан претстава прес конференција Фото/МИА

Управителката на „Арт Балетот“, Тамара Ѓурчиновска рече дека на претставата посетителите може да очекуваат многу забава, песни, играње, хумор, но и многу детски среќни срца и ликови.

- Сонговите се хит меѓу децата бидејќи во една постава на Петар Пан играат вкупно 57 деца, но имаме две постави, што значи два пати по 57 дец. Сите ја пеат Ѕвончица, играат сите заедно и навистина сонговите се презаразни. Гласот на Ѕвончица одзвонува во нашите уши и самата претставата е магична. Децата се забавуваа на пробите, кои нималку не се лесни ниту се кратки, туку се во траење од два до шест часа во текот на денот, а имаме и дополнителни проби, но децата со задоволство и насмевка доаѓаат и со нетрпение очекуваат да ги облечат костимите, да застанат пред публиката и да го покажат сето она што макотрпно го работевме, потенцираше Ѓурчиновска на прес-конференцијата.

Ристо Самарџиев на прес-конференцијата напомена дека е уверен оти сите кои ќе ја видат претставата ќе се стекнат со убави впечатоци и изрази надеж дека и во иднина ќе има уште многу вакви претстави.

- Половина да имам од чувството кога ќе биде поставена претставата на сцена од она што го во саботата за време на пробата, јас ќе бидам пресреќен. Онаа убавина која таму се доживеа, убеден сум дека ќе биде многу посилна на сцената. Сите кои ќе ја видат претставата сигурен сум дека ќе имаат убави впечатоци. Секој од нас може да лета со мислите, ако тие мисли се чисти, и треба да се живее со боите на животот и што подолго време да го чуваме детето во себе. Тоа е она највредното што верувам дека секој од нас го има само работата е колку го чуваме и цениме, додаде Самарџиев.

Петар Пан претстава, прес конференција Фото/МИА

Балетската претстава, како што рече, зборува за вредноста на љубовта.

-Во претставата, Ѕвончица е вљубена во Петар Пан, што таа љубов дури преминува во љубомора, поради блискоста на Петар Пан со Венди, се додека не разбере дека љубомората ќе придонесе за неспокој во целата нивна дружина. Кога ќе стане свесна за тоа, љубовта победува, објаснува Самарџиев.

Претставата ќе биде изведена во 17:30 и во 20 часот. бт/сп/

Остани поврзан