• сабота, 23 ноември 2024

Песков: Кандидатските статуси на Украина и Молдавија се внатрешна работа на Европа

Песков: Кандидатските статуси на Украина и Молдавија се внатрешна работа на Европа
Москва, 24 јуни 2022 (МИА) - Одлуката на Украина и на Молдавија да им се додели кандидатски статус за влез во Европската Унија, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја нарече „внатрешна работа на Европа“. - Тоа е внатрешна работа на Европа, изјави денеска Песков. Тој нагласи дека за Москва е важно „целиот тој процес да не создаде дополнителни проблеми за Русија ... и меѓу нејзините односи со тие земји“. Песков изрази и желба процесот да не заврши ни со влошување на односите меѓу Москва и Брисел, што сега се на толку ниско ниво „па тешко е дополнително да се влошат“. Според него, Молдавија сака „да стане поевропска отколку самите Европејци“. Лидерите на 27 земји членки донесоа одлука да им се додели кандидатски статус на Украина и на Молдавија за влез во Европската Унија. Беше ветена европска перспектива за Грузија, како и кандидатски статус кога ќе ги исполни останатите критериуми. Русија не се противи Украина да се приклучи во Европската Унија, но, со години ги критизира обидите на земјата да му се придружи на НАТО. Пред да им нареди на војниците во февруари да влезат во Украина, рускиот претседател Владимир Путин побара правни гаранции од САД дека Украина нема да биде примена во воениот сојуз. бд/сд/
 

Остани поврзан