• вторник, 18 февруари 2025

Перински во општина Гази Баба: Заедно со граѓаните продолжуваме да ги надминуваме сите предизвици

Перински во општина Гази Баба: Заедно со граѓаните продолжуваме да ги надминуваме сите предизвици

Скопје, 15 февруари 2025 (МИА) - Во рамки на теренските посети по општините „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа Златко Перински и неговиот заменик Ерџан Селими, денеска одржале средба со граѓани, претставници на бизнис и невладиниот сектор од општина Гази Баба.

Како што соопштија од Министерството за локална самоуправа, се дискутирало на повеќе теми, биле разменети мислења, предлози и идеи за подобрување на квалитетот на секојдневието на сите граѓани во општина Гази Баба.

Дел од присутните ја искажале потребата од фекална канализација во населбите во кои живеат, а очекуваат и комплетно уредување на сервисните улици. Министерот и градоначалникот на општината Бобан Стефковски, информирале дека токму дел од овие проблеми наскоро ќе бидат надминати, благодарение на посветеноста и ажурноста на Општината за реализација на инфраструктурни проекти финансирани преку вториот владин јавен повик за финансиска поддршка на општините.

Министерот Перински ги охрабрил граѓаните да продолжат да соработуваат, бидејќи токму заедно со нив, Општината и Владата, ќе се преземаат конкретни мерки за подобрување на сите аспекти од секојдневниот живот. Тој изразил уверување дека со заедничка работа ќе се најдат долгорочни решенија кои ќе донесат вистински напредок и корист за сите граѓани на општината.

- Ме радува што граѓаните активно учествуваат во креирањето на решенијата за надминување на одредени проблеми, а даваат и идеи и предлози за поголем напредок и развој на сите сегменти од секојдневното живеење. Како и досега, ќе продолжиме заедно да работиме на надминување на сите предизвици со цел да обезбедиме поквалитетен живот за сите граѓани во Гази Баба, и на оние што живеат во урбаните и на оние во руралните населени места. За нас сите граѓани се исти, тоа го покажуваме со сите досегашни преземени активности, така ќе продолжиме и во иднина, изјавил министерот Перински по средбата, се наведува во соопштението. цр/нд/

Фото: Министерство за локална самоуправа

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан