Пентагон: Американскиот министер за одбрана во посета на базата Гвантанамо
- Организации за човекови права веќе поднесоа тужби против администрацијата на Трамп, барајќи пристап до затворените мигранти и информации за нивните услови за притвор.

Вашингтон, 25 февруари 2025 (МИА) - Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет денеска ќе ја посети воената база Гвантанамо на Куба, која претседателот Доналд Трамп сака да ја претвори во центар за задржување на мигранти.
„Патувам во Гвантанамо за да се информирам за операциите за депортирање на илегалните мигранти“, напиша Хегсет на Икс (поранешен Твитер).
Според Пентагон, посетата ја нагласува „посветеноста на Министерството за одбрана за безбедност и ефикасност“ на базата.
Гвантанамо долго време беше познато како место за притвор на осомничени за тероризам, но неодамна САД повторно ја користат базата за задржување на мигранти, од кои дел беа депортирани во Венецуела.
Организации за човекови права веќе поднесоа тужби против администрацијата на Трамп, барајќи пристап до затворените мигранти и информации за нивните услови за притвор. ссм/
фото: архива