• сабота, 23 ноември 2024

Пенов: Управувањето со отпадот сѐ уште голем предизвик кај нас

Пенов: Управувањето со отпадот сѐ уште голем предизвик кај нас

Скопје, 8 јуни 2023 (МИА) - Управувањето со отпадот сѐ уште е голем предизвик кај нас, уште повеќе што во оваа област спроведувањето на европските директиви бара ангажирање на големи финансиски ресурси, но и знаење. Затоа е важно да се аплицираат нови решенија, коишто истовремено ќе направат промени во повеќе сфери, изјави министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на презентацијата на истражувањето на „Пакомак“ за интегрирање на неформалните собирачи во формалната економија.

- Ја поздравувам иницијативата на „Пакомак“ за изнаоѓање на нови, иновативни форми за управување со отпадот од пакување. „Пакомак“ е пионер во оваа област и со своето работење, повеќе од една деценија активно придонесува во подигнувањето на свеста кај граѓаните и менување на односот кон отпадот. Во зависност од третирањето, отпадот од пакување може да биде најмасовен загадувач, или пак да создаде нова вредност преку негова преработка, додаде министерот.

Како што се наведува во соопштението на Министерството, „преку нови форми на организирање, корисноста може да биде повеќе димензионална, во исто време да се остваруваат и економски и социјални цели и да се придонесе за инклузивен и одржлив развој, а додадената вредност е во солидарноста, во интегрирањето на маргинализираните групи во формалната економија и во подигнувањето на стандардот на услугата“.

- Јавната чистота е првата слика која го создава впечатокот за работењето на локалната власт и на локалните служби. Оваа иницијатива е добар поттик надлежните институции и локалната самоуправа, секој во својата надлежност, да создадеме поволни услови за да заживее овој концепт на организирање, се наведува во соопштението.

Како што се додава, „неформалното собирање на отпадот од пакување е наше секојдневие. Сите сме свесни дека многу граѓани на овој начин ја обезбедуваат својата егзистенција. Но, без формализирање на овие активности, многу често направената штета е поголема од корисноста. Тоа најдобро го знаат локалните власти, затоа што управувањето со отпадот е локална надлежност и тие се соочуваат со граѓаните коишто со право, често реагираат. Затоа локалните власти се најповикани да учествуваат во развивањето на овој концепт“.

Министерството за локална самоуправа при поддршката на проекти за развој на општините и на планските региони, се истакнува во соопштението, „секогаш инсистира на принципите што произлегуваат од европските стратешки документи и од развојните цели на ОН - рамномерен, инклузивен, одржлив и зелен развој. Праведен пристап до јавните добра и нивно искористување на одржлив начин“. бд/сп/

Фото: Министерство за локална самоуправа 

Остани поврзан