• сабота, 23 ноември 2024

Пендаровски - Шмид: Подготвени сме да дадеме активен придонес во промоцијата на вредностите на ОБСЕ

Пендаровски - Шмид: Подготвени сме да дадеме активен придонес во промоцијата на вредностите на ОБСЕ
Скопје, 22 октомври 2021 (МИА) - Подготовките за претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, како и севкупната соработка со Организацијата, беа тема на разговор на средбата меѓу претседателот Стево Пендаровски и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид. Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, на средбата истакна дека нашата држава високо ја цени долгогодишната соработка и дијалог со ОБСЕ и посочи на значајниот придонес на Мисијата на Организацијата во Скопје во поддршката на реформските процеси и во функција на севкупниот напредок на државата и исполнување на нејзините европски аспирации. Република Северна Македонија, како што посочи Пендаровски, е важна експертиза на ОБСЕ во однос на судските реформи, борбата против корупцијата, доброто владеење, како и изборните реформи во линија со препораките и европските стандарди. Претседателот Пендаровски, како што се наведува во соопштението, се заблагодари за тековниот ангажман на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори 2021 година и изрази уверување дека наодите и заклучоците на мисијата ќе послужат за натамошно унапредување на изборниот процес. На средбата претседателот Пендаровски и генералната секретарка Шмид разменија мислења во однос на подготовките за претседавањето на земјава со ОБСЕ во 2023 година. Во тој контекст, претседателот Пендаровски ја истакна подготвеноста на Северна Македонија да даде активен придонес во промоцијата на вредностите и заложбите на ОБСЕ и изрази очекување дека претседателството ќе придонесе за видлива промоција на нашата држава како активен чинител на мултилатерален план. дма/сп/

Остани поврзан