• вторник, 24 декември 2024

Изборен штаб на Пендаровски: Во телевизискиот дуел Пендаровски беше мета на напади и омаловажувања од противкандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ

Изборен штаб на Пендаровски: Во телевизискиот дуел Пендаровски беше мета на напади и омаловажувања од противкандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ

Скопје, 30 април 2024

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, вечерва, во првиот телевизиски дуел беше мета на напади и омаловажувања од противкандидатката Гордана Силјановска Давкова, поддржана од ВМРО–ДПМНЕ.

Во недостиг на одговор за најважните прашања и теми, Силјановска постојано го навредуваше Пендаровски, се обраќаше со висок тон и пласираше лажни информации и невистини.

На констатацијата од Пендаровски дека таа има информации што се случува внатре во политичката парија ДУИ и дека информациите можеби ги добила по пат на прислушкување, Силјановска истури обвинувања кон Пендаровски дека тој цел живот бил вработен во Министерството за внатрешни работи и во неможност да одговори на репликата како тоа има информации дека во ДУИ има две струи, една за бојкот на изборите, а една против, на висок тон му посака на Пендаровски „УМРЕТЕ БАРЕМ МАШКИ.“

Европската преговарачка рамка беше уште една тема погодна за напади од Силјановска кон Пендаровски. Односно кога Пендаровски праша кој на ВМРО - ДПМНЕ во Брисел им дава поддршка да ја променат, односно, како што рече: „кој е тој меѓународен фактор кој е битен и кој е нивен идеолошки пандан или сојузник или стратешки партнер кој ќе им рече, дајте да промениме, ќе биде многу подобро и ќе нема потреба од Уставни промени – во Европска Унија, во која членка е, за жал и Република Бугарија“, Силјановска се правдаше дека целата ЕПП застанала зад нејзините ставови и дека таа била во ЕУ одамна со нејзината работа.  

Навредите не изостанаа и кога двајцата кандидати зборуваа за измените во кривичниот законик.

„Вие сте биле во салата и сте гласале против кривичниот законик меѓутоа не сте излегле надвор за да го слушнете кворумот кој беше неопходен на владините партии да го донесат законот. Зошто останавте внатре? Како за некои други работи сте можеле да останете надвор. Не вие и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. На пример како е можно да вие не гласате за стратегијата за родова еднаквост на пример, воопшто не сте биле таму, а за ова сте биле и сте гласале против па им правите кворум на овие што носеле вакви измени на КЗ. Тоа е факт“, рече Пендаровски.

На ова Силјановска Давкова, немајќи аргументи за одговор упати навреди дека Пендаровски бил слаб студент и затоа наводно се осветувал. На што Пендаровски одговори дека бил студент со висок просек и затоа и докторирал и имал академска кариера.

„Обично услови поставуваат оние кои имаат капацитет да состават влада, односно мандаторите. Ама кај нас се е проблематично и чудно. Знаете зошто е проблематично. Ако некој однапред направи сценарио за Уставни измени, тогаш го негира Собранието, ама со тоа и парламентарната демократија. Нека повелат, се знае кој е предлагач на Уставни измени, има неколку варијанти. Но однапред да го прејудицирате резултатот. Тоа нема ништо со парламентарната демократија“, ова беше одговорот на Силјановска Давкова на прашањето за условувањата на албанскиот политички табор и од европскиот фронт дека услов за коалицирање е отворање на Уставот.

Но, нејзиниот став дека услови поставуваат само победниците на изборите, е сосема спротивен од повикот за коалицирање од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, уште пред да се одржат изборите.

„Има неколку елементи во нејзиното излагање кои го побиваат ова што вие го поставувате како прашање, а на моменти и самата себе се побива. Не е добро да се поставуваат услови пред изборите да завршат, условите ги поставува изборниот победник. Условите ги поставува оној кој на крајот победува и тоа е логиката, не претходно. Не знам зошто тогаш госпоѓата прво вели дека се сигурни победници со 3:1, значи таа го знае резултатот пред да заврши, вели ќе победат и на претседателски и на парламентарни, значи знае и едното и другото, условите пред избори ги поставува нејзиниот лидер Мицкоски, кој вели дајте ги гласовите за нашиот кандидат ако сакате да влезете во Влада. Зошто не го поставува тоа како услов по изборите, вечерта на 8 мај?“, праша Пендаровски во вечерашниот телевизиски дуел.

„Дали е можно дека тој европски премиер, политичар за мене вели има длабока, психолошка, внатрешна раздразнетост, и чувство на интелектуална инфериорност? Па да се оградевте освен ако не го поддржувате?“, ја праша вечерва кандидатот за претседател Стево Пендаровски неговата противкандидатка Силјановска, притоа посочувајќи ги секојдневните навреди кои кон него ги упатува Христијан Мицкоски.

Силјановска не само што не се огради од навредите на Мицкоски кон Пендаровски на митинзите низ Македонија, туку тоа не го стори и во вечерашниот телевизиски дуел. Напротив, одговори иронично -
„Јас не сум му ни родител, ниту учителка ниту е под мое старателство“, рече таа.

 Тим за комуникации 
„Нашиот претседател - Стево!“ 

______________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан