• среда, 27 ноември 2024

Пендаровски: Во изминатите 30 години, Франција беше наш придружник и во добро и во лошо

Пендаровски:  Во изминатите 30 години, Франција беше наш придружник и во добро и во лошо

Скопје, 6 декември 2023 (МИА) - Во текот на сите овие изминати 30 години, Франција беше наш придружник и во добро и во лошо. На тој пат, имаше подеми и падови, имаше егзалтации и разочарувања. Меѓутоа, нашата определба за полноправна интеграција во Европската Унија, наспроти сите тешкотии и предизвици беше и е - константа, рече вечерва претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на 30-годишнината од дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Франција. 

- Очекуваме Франција, како земја која има толку многу вложено во изградбата на заедничкиот европски дом, но и во македонскиот дел од заедничката визија за обединета Европа, да продолжи, како и досега, да нѐ поддржува на тоа долго патување, истакна претседателот.

Според Пендаровски, „актуелниот геополитички момент, создаден со руската агресија врз Украина, но и со геополитичките поместувања на глобален план кои се во тек, кои на Европа едноставно и го наметнуваат императивот за целосно обединување, е можност за удвојување на напорите и за уште поголема посветеност во остварување на заедничката цел“.  

- Пријателството меѓу државите и народите, како и меѓу поединците е доблест која треба постојано да се негува за да опстои. Да останеме посветени на одржување на блиските односи и соработката меѓу Северна Македонија и Француската Република. И овој наш собир вечерва, на крајот на една тешка година во Европа, покажува дека знаеме да ги цениме вистинските вредности. Тие се и најдобриот влог за надминување на проблемите и за заеднички прогрес во годините пред нас, порача Пендаровски.

Додаде дека со цивилизираниот начин на кој ја оствари својата независност по мирен пат, Северна Македонија потврдила дека е достојна меѓу наследниците - чувари на европските вредности, во чија основа е француската визија за слобода, еднаквост и братство.

- Повеќе истакнати француски интелектуалци и политичари, од Робер Бадентер до Жак Ширак, независно од нивната идеолошка позиционираниот, знаеја да ја препознаат таа европска димензија што во самата своја суштина ја содржи новата држава на Балканот, посочи Пендаровски.

Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер во Музејот на современата уметност рече дека врската меѓу двете држави станува се поблиска.

- Во рамки на големото движење за солидарност од 1963 година беше формирана француска колекција. Денес истата е еден од скапоцените камења на овој музеј. Околу половина век претходно нашите два народа се бореа рамо до рамо на ова тло на македонскиот фронт, а нашите француски гробишта во Битола и во Скопје и на други места, се уште го чуваат споменот од тоа време. Секој 11 ноември им оддаваме почит на овие француски борци, а преку нив и на сите жртви. Затоа и пред Македонија, денешна Северна, да стекне независност, ние веќе имавме заедничка историја, обележана со братство и солидарност во заедничките искушенија, истакна амбасадорот.

Посочи дека Скопје минатата недела беше домаќин на најголемиот меѓународен настан во својата историја и дека на истиот присуствувала и француската министерка за Европа, Лоренс Бун и дека тоа било нејзино трето доаѓање за година дена.

- Ако на тоа ја додадеме и посетата во септември на нашиот министер за надворешна трговија Оливие Бешт, тоа значи дека за една година направивме исто толку, колку и во последните 10 години, подвлече Бомгартнер.

Според Бомгартнер, се зголемува и трговската размена меѓу двете држави. 

- Поради богатството, но и поради ветувањата што претстојат пред нас, допрва ќе се испишуваат најубавите страници од нашата заедничка историја. А од нас зависи тоа да биде што побрзо, рече Бомгартнер.

Во својот говор се осврна и на двојното убиство што ја потресе земјава. 

- Сочувствувам со вас, господине претседател, а преку вас и со целиот народ. Овој ден е и ден на тагата. Ја споделуваме заедничката болка, рече амбасадорот. бд/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан