• понеделник, 23 декември 2024

Пендаровски од Тетово: Нашите концепти не се разликуваат во нијанси, нашите концепти се драстично различни

Пендаровски од Тетово: Нашите концепти не се разликуваат во нијанси, нашите концепти се драстично различни

Тетово, 29 април 2024 (МИА) - Кандидатот за претседател Стево Пендаровски во рамки на изборниот караван низ земјава денеска имаше средби со граѓаните во Желино и во Тетово. Тој на граѓаните им порача да не ги обесхрабруваат бројките од првиот круг на претседателските избори, потенцирајќи дека станува збор за дијаметрално спротивни понуди од двајцата кандидати за претседател.

-Значи станува збор за дилема која е суштинска, нашите концепти не се разликуваат во нијанси, нашите концепти се драстично различни. Тие предлагаат ревизија на сите документи врз кој почива државата, стабилноста безбедноста и нејзиниот економски просперитет и тие предлагаат ревизија на сите документи кои нè направија членка на НАТО, и земја која преговара со ЕУ. По сите основи, нашите меѓуетнички односи интеграцијата во евроатлантските структури, ние нудиме концепт кој е проверен, досега гледате каде стигнавме. Дали тоа беше со задоволително темпо? Се разбира дека не беше, знаете дека имаше надворешни блокатори од нашите соседи, сопки на секој чекор, сопки и од внатрешната опозиција, политичка опозиција олицетворена во најголемата опозициска партија, рече Пендаровски во Тетово.

Тој порача граѓаните да не подлегнат на политичките манипулации.

- Тие кои сега планираат да ја редефинираат Македонија како концепт со редефинирање, или поништување, сите договори врз кои почива нејзината перспектива, и тие сега на 8 мај бараат ним да им ја дадете довербата, а не на нас. Размислете добро, имајте ги секој пат предвид интересите на вашите деца и внуци, вашите лични интереси, интересите на вашите семејства, немојте да подлегнете на тој тип на политичка манипулација дека е можно со откажување од нашите стратешки партнери, сама Македонија со 1,8 милиони луѓе, сама да просперира, да ја обезбедува безбедноста и сама во економска смисла да има стапки на раст на годишно ниво од 7, 8, 9 отсто на годишно ниво. Апсолутно тврдам, невозможно е најголемиот дел од македонските граѓани да не ја препознае рационалноста на ова што го зборувам. Ме прашувате за кој било договор, јас имам одговор, тој договор е добар, овој договор е добар, ова е добро, ова е лошо. Тие немаат одговор. Три пати ги прашуваш, велат ќе направам тим од експерти, истакна Пендаровски во Тетово.

Од Желино кандидатот за претседател Стево Пендаровски порача дека овие пет години се трудел да биде коректив на извршната власт и додаде оти секој претседател на државата треба така да постапува.

-Пред вас има два концепта кои никако не се приближуваат. Јас и мојата опција сме за ваква Македонија каква што ја имаме со разбирање со меѓусебна почит, без меѓуетнички конфликти, другата опција е ризик за поделби и тензии, опција со која сигурно нема да просперирате, порача Пендаровски.

Пендаровски изрази уверување дека најголем дел од гласовите кои завршија кај кандидатите кои испаднаа во првиот круг, во вториот круг ќе завршат кај него затоа што граѓаните препознаваат кој работи во нивен интерес. ас/мд/

фото: МИА и Тим за комуникации „Нашиот претседател - Стево!“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан