• среда, 25 декември 2024

Пендаровски: Доколку не преземеме долгорочни мерки за заштита на водните ресурси можеме лесно и неповратно да ги изгубиме

Пендаровски: Доколку не преземеме долгорочни мерки за заштита на водните ресурси можеме лесно и неповратно да ги изгубиме
Скопје, 3 март 2021 (МИА) - Според долгорочните климатски сценарија нашата земја се наоѓа во еден од климатски најранливите региони, не само во Европа, туку и во светот. Доколку не преземеме долгорочни мерки за заштита на водните ресурси можеме лесно и неповратно да ги изгубиме. Затоа проблемот со заштита на водните не е дневно политичко, туку е есенцијално прашање, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната Конференција „Зелена агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во Северна Македонија“. Пендаровски истакна дека за да се разбистри ситуацијата со заштитата на нашите води на надлежните инстутуции им се неопходни прецизни, но и ажурурани податоци. - Потребна е хармонизација со европското законодавство, но тоа знаеме дека е полесниот дел, затоа што поважна е имплементацијата што подразбира и редовен и превентивен инспекциски надзор, кој навремено ќе го санкционира секој обид за профитирање на сметка на животната средина, рече претседателот. Тој потенцираше дека заштитата на водите подразбира и заштита на шумите и на биодивезитетот. - Живееме во земја што е релативно богата со површински и подземни води. Од водата завистат нашите животи, нашите еко-системи, нашата економија и таа е клучна за производството, за индустријата, за туризмот. Не е претерено да се каже дека севкупниот развој на државата во голема мерка зависи од квантитетот и квалитетот на нашите водени ресурси. Меѓутоа гледајќи го повеќедеценискиот неодговорен однос кон водите, по се изгледа дека ова непороценливо богатство го земаме здраво за готово, посочи Пендаровски. Претседателот наведе дека според некои проценки во Северна Македонија се прочистуваат само околу три до четири проценти од вкупното количество отпадни води од рударството и индустријата. - Најголемиот дел од непрочистената вода се испушта директно во почвата во реките, езерата, јавната канализација. Подеднакво сериозен проблем е вадењето на песок, чакал, камен од речните и езерските брегови и корита, што во отсуство на јасни критериуми и контролни механизми израснува во дефакто легализирано унитување на речните корита, потенцираше Пендаровски. Постојат, како што рече шефот на државата, неколку причини за ваквото неодржливо управување со водите. - Прво, ниското ниво на јавна свест и лична совест. Се уште постојат сфаќањата дека водата е неограничен ресурс што може бесконечно да се троши. Таквиот недомаќински однос е особено загрижувачки ако имаме предвид дека 11 проценти од вкупниот број на индивидуални домаќинства кај нас се уште немаат пристап до вода за пиење. Колку е пониско нивото на јавната свест, толку е поважна улогата на инспекцискиот надзор, но за жал инспекцискиот надзор е слаба алка во нашиот систем затоа што е нередовен и затоа што е неактивен, образложи претседателот. Пендаровски рече дека тоа се должи, делумно на законските недоречености, а делумно на буџетските ограничувања. - Речиси половина од подзаконските акти неопходни за имплементација на Законот за води се уште не се донесени. Немаме ниту доволен број на прочистителни станици. Поради овие наталожени системски недостатоци, надлежните институции со години наназад немаат реален увид во квалитетот и квантитетот на водите во Северна Македонија, додаде претседателот. Амбасадорката на Велика Британија во земјава Рејчел Галовеј истакна дека неопходното тежнеење кон забрзан економски развој, резултирало со деградација на животната средина во Северна Македонија и во регионот. - Потребата за зелена транзиција на економиите на Западен Балкан се зголемува и време е да се преземат активности, рече Галовеј. Амбасадорката посочи дека актуелното следење на квалитетот и квантитетот на водата во земјава е несоодветно за да даде реалистична слика за тековната состојба на водените ресурси. - Не постои системски континуиран монитуринг и евалуација и властите не можат да добијат соодветни податоци за управување со водата. Отсуството на реални податоци за статусот на водните тела значи дека управувањето, одржливоста, реционалноста и ефикасноста на политиките и административните мерки за користење на водата и заштитата се под знак прашање, потенцираше Галовеј. Амбасадорката констатираше дека квалитетот на водата треба да биде меѓу приоритетите на Северна Македонија како еден од чекорите кон борбата против климатските промени. - Релевантните институции треба да преземат соодветни напори за спроведување на реформите во областите на политиките за преземање мерки за намалување на загадувањето и деградацијата на реките и езерата, посочи Галовеј. Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини посочи дека водата е живот и оти без вода нема живот, потенцирајќи дека можеби во минатото не сме се концентрирале доволно на заштита на нашите водни ресурси и животна средина. Тој истакна дека Министерството работи на новиот Закон за води и го хармонизира со европските директиви. Ние сме земја што е многу богата со вода, но дали соодветно управуваме. Во Скопје, губиме повеќе од 30 отсто од водата за пиење во самата мрежа, дали се прочистува водата, не. Значи тоа е во стратегијата и во програмата на државата да инвестираме во една од најголемите постојки за третман на вода во Скопје и регионот. Потпишавме договори со банките, околу 136 милиони евра договор за изработка на постојка и да се подобри канализационата мрежа во Скопје, наведе Нуредини. Тој изјави дека почнале и со тендер во Кичево за обнова на канализацискиот систем. - Преку европските фондови сме во процес за Битола и Тетово. Се надеваме дека ќе бидат отворени во април. Овие три проекти вредат околу 18 милиони евра. Имавме и заем за води преку Министерството за транспорт и врски. Првпат Министерството за животна средина го презема овој заем. Одобрени се 15 милиони евра од Владата и ние сме посветени да имаме чиста вода за пиење за граѓаните, заклучи Нуредини. см/сп/

Остани поврзан