• недела, 29 декември 2024

Пендаровски да го искористи правото на вето, бара Платформата на граѓански организации за борба против корупција

Пендаровски да го искористи правото на вето, бара Платформата на граѓански организации за борба против корупција

Скопје, 7 септември 2023 (МИА) - Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара Претседателот на државата Стево Пендаровски да го искористи уставно загарантираното право на вето, и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик кои вчера, на 6 септември 2023 ги усвои Собранието.

Претставниците на граѓанските организации членки на Платформата, како што информираат, доставиле и официјално писмено барање до Претседателот Пендаровски

Платформата нагласува дека има две причини зошто Претседателот Пендаровски има должност да го искористи ветото.

Првата причина, се вели во соопштението од Платформата, е дека со измените на членовите 353 и 353-в, предложеното намалување на казните ќе резултира со: застарување на многу случаи од висок профил како Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија, како и други случаи од понизок профил; ќе ја урниса довербата дека борбата против корупцијата е можна, и ќе ги демотивира граѓаните да пријавуваат корупција; и ќе ја намали превентивната функција на системот на кривична правда.

Втората причина, посочуваат од платформата, е поврзана со процедуралните недоследности, во кои измените на овие два члена се разгледувани со специјална и кратка процедура под капата на европско знаменце, иако според постоечките кореспондентни табели не се усогласуваат со европското право. На тој начин, се изигруваат скратените процедури и Собранието не ја исполнува својата должност на делиберација по нормите кои ги носи. аа/цр/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан