• понеделник, 23 декември 2024

Пендаровски-Хоти: Пандемијата не смее да биде пречка за соработката меѓу двете држави

Пендаровски-Хоти: Пандемијата не смее да биде пречка за соработката меѓу двете држави
Скопје, 23 октомври 2020 (МИА) - Глобалната пандемија не смее да биде пречка за натамошно унапредување на економските и трговските односи и за интензивирање на меѓусебната соработка и поддршка на планот на евроинтеграциите и спроведување на реформските процеси, порачал претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со косовскиот премиер Авдулах Хоти, кој престојува во официјална посета на земјава.

На средбата, како што информира Кабинетот на претседателот, разменети се мислења за актуелните случувања во двете земји, за европската перспектива на државите од Западен Балкан, како и за севкупните мерки што се превземаат во справување со кризата од Ковид-19.

Пендаровски изразил уверување дека одличните односи меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат во духот на добрососедството и ќе бидат потврдени со конкретни иницијативи, кои ќе придонесат за просперитетен и стабилен регион и забрзана регионална соработка.

Во таа насока, соговорниците размениле мислења и околу можностите за продлабочување на билатералната и регионалната економска соработка, како и за поинтензивна комуникација помеѓу бизнис секторите на двете земји.

Пендаровски го поздравил и Договорот за економско нормализирање на односите меѓу Косово и Србија потпишан во Вашингтон, како исчекор во изнаоѓањето на  конечен компромис, посочувајќи дека тој ќе придонесе за севкупната стабилност на регионот. бак/бк/

Остани поврзан