• петок, 14 март 2025

Пелеши: Стерјовски значаен глас за македонската заедница

Пелеши: Стерјовски значаен глас за македонската заедница

Дебар, 14 март 2025 (МИА) – Политичкиот раководител на Социјалистичката партија за округот Корча и пратеник од оваа изборна единица Нико Пелеши, преку објава на Фејсбук го претстави Васил Стерјовски, кандидат за пратеник во оваа изборна единица.

Повикувајќи ги граѓаните од ова изборна единица, која ја опфаќа и општина Пустец, и други населени места со Македонци, да го поддржат Стерјовски, оценува дека тој е „значаен глас за македонската заедница во Албанија и посветена фигура во политичката и академската јавност“.  

-Роден во Корча, студиите ги завршил по историја, а моментно е докторанд на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Во моментов ја продолжува својата дејност како професор на Универзитетот „Фан Ноли“ во Корча и промотор на зачувувањето на културното наследство на македонското малцинство во Албанија, наведува Пелеши.

Потсетува дека во периодот 2019-2021 година, како пратеник и раководител на локални институции „посветено ги бранеше правата на македонската заедница“. 

-Како претседател на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција тој е посветен на градење силен сојуз со Социјалистичката партија, обезбедувајќи застапеност и развој за Преспа и пошироко. И во иднина ќе продолжиме заедно да работиме за доброто на Македонците во Преспа, Голо Брдо, Гора и за целата прекрасна македонска заедница во Албанија, посочува во објавата Пелеши, кој е и координатор на пратеничката група на СП и поранешен министер за одбрана.

Стерјовски во трка за пратенички мандат, на изборите на 11 мај, е на отворената  кандидатска листа на Социјалистичката партија за изборна единица Корча, што е една од 12-те изборни единици во земјата, каде концентрацијата на Македонците е голема, Мала Преспа, градот Корча и во други населени места.

Лидер на МАЕИ е од 2019 година, пратеник беше во претходниот парламентарен состав и е прв пратеник Македонец, кој јавно се декларираше како Македонец. На една од пленарните седници тој до пратениците се обрати на македонски јазик, што беше историско достигнување на Македонците. 

Македонската партија е единствената партија во Албанија, што потпиша договор со владејачката социјалстичка партија на премиерот Еди Рама, за заеднички настап на изборите. вт/

Фото: Пелеши ФБ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан