• четврток, 26 декември 2024

Пекевски: Во Ратево вложуваме во инфраструктура

Пекевски: Во Ратево вложуваме во инфраструктура
Берово, 13 октомври 2021 (МИА) - Во Ратево вложивме во инфраструктура, култура, јавна чистота, осветлување и затоа продолжуваме со најдобрите проекти за сите граѓани, истакна кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата, Звонко Пекевски, во рамки на вечерашниот караван пред жителите на Ратево. Пекевски потенцираше дека Ратево секогаш било на страна на слободата, а жителите знаеле да го изберат најдоброто за себе.
- Ќе потсетам што во изминатиот период направивме за Ратево. Ги направивме улиците 1 Мај и крак од улица Маршал Тито. Оваа година го реконструиравме и подрачното училиште, ја заменивме старата метална столарија со нова енергетски ефикасна ПВЦ столарија, стариот дрвен под го заменивме со плочки и ламинат. Училиштето е избелено и ставени се вариолајт завеси за удобен престој на најмалите во училиштето. Тие се нашиот приоритет, рече Пекевски пред Ратевци.
Како услов за развој, посочи дека е подобрено уличното осветлување во Ратево  и останатите делови од општината.
- Донесовме Детален урбанистички план за Ратево како и за три други села. Тоа е услов за развој на секое населено место. Го подобривме организираното собирање на комуналниот отпад. Се поставија контејнери на повеќе локации, а во наредните недела или две ќе се постават и нови затоа што општината набави 130 нови контејнери кои ќе бидат соодветно распоредени, со што значително ќе се зголеми ефикасноста во собирањето на отпадот, дополни кандидатот за втор мандат од СДСМ и коалицијата, посочи тој.
Најави дека чистата животна средина и чистењето на дивите депонии ќе биде приоритет и во следниот четиригодишен мандат, а како следни проекти во Ратево ги напомена асфалтирањето на улиците, „Илинденска“ и „Гоце Делчев“, канализацијата, како и пристапните патишта до имотите на граѓаните.
За поквалитетен живот на сите граѓани, ги повика на 17 октомври да излезат на избори и да го заокружат бројот 12 за советничката листа со носителот Стево Суџуковиќ и 12 за листата за градоначалник, со што според Пекевски ќе продолжи развојот и напредокот на Општина Берово. вс/ар/

Остани поврзан