• сабота, 23 ноември 2024

Педест години од „Кум“ на 25. „Скопје филм фестивал“

Педест години од „Кум“ на 25. „Скопје филм фестивал“
Скопје, 12 септември 2022 (МИА)  - Во рамки на годинашната програма на 25. „Скопје филм фестивал“ ќе биде одбележана 50-годишнината од првиот од серијалот „Кум“ (1972) во режија на Френсис Форд Копола. Главните улоги ги толкуваат Марлон Брандо, Ал Пачино, Џејмс Кан, Роберт Дувал, Роберт де Ниро, Дајан Китон, Бриџит Фонда, Софија Копола и други. Трите филмови од серијалот „Кум“ ќе бидат прикажани денека, утре и в среда во Кинотека, со почеток во 20 часот. - Кога еден филм не само што станува култен, туку со текот на годините и децениите неговото значење и влијание постојано расте, тогаш сведочиме на редок феномен во историјата на филмот. Денес, за да дојдете до базичното прашање во врска со „Кум“ и неговите две продолженија, мора да ги „расчистите“ бројните наслаги од информации, митови, урбани легенди, анегдоти, изреки кои ги знаат сите... Најголемиот феномен на „Кум“ е тоа што филмот како да е „роден“ со таа патина во 1972 година, препознатлива изминативе 50 години, информираат од фестивалот. „Кум“ ги освои „Оскарите“ за најдобар филм, најдобра главна машка улога (Марлон Брандо) и најдобро адаптирано сценарио (Копола, Пузо), а бил номиниран во уште осум категории. Репутацијата на „Кум“ кај критичарите и филмофилите низ децениите постојано растела и филмот одамна е дел од Националниот филмски архив на американската Конгресна библиотека како уметничко дело со посебна вредност, а во рангирањето на Американскиот филмски институт е на второто место, зад вечно првиот „Граѓанинот Кејн“ (1941) на Орсон Велс. Две години по огромниот успех на „Кум“, во 1974 година компанијата „Парамаунт“ вложува двојно повеќе пари (буџетот е 13 милиони долари) во продолжението, а салдото на кино-благајните во светот е нешто помалку од 50 милиони долари. „Кум 2“ освоил шест „Оскари“ – најдобар филм, режија, машка споредна улога Роберт де Ниро, адаптирано сценарио, сценографија – Дин Тавуларис, Анџело Греем, Џорџ Нелсон, музика – Нино Рота и Кармајн Копола, а бил номиниран уште во пет категории . Во „Кум 2“ прв патнастапуваат двете актерски икони, Пачино и Де Ниро, но без заедничка сцена, и филмскиот свет ќе чека повеќе од 20 години повторно да ги види нивните имиња заедно на најавната шпица во „Жештина“ на Мајкл Мен. Третиот дел од сагата за семејството Корлеоне излезе во 1990 година, а хроничарите бележат дека  причина за тоа се парите. „Кум 3“ забележал солидни 136 милиони долари на кино-благајните, а Копола 30 години подоцна ја објавил неговата верзија под наслов „The Godfather Coda: The Death of Michael Corleone“, која по кратката кино-дистрибуција завршила на ДВД и на блуреј. Третиот дел забележал седум номинации за „Оскар“, првпат бил номиниран и директорот на фотографија Гордон Вилис, но не добил ниту еден. -Сагата „Кум“ одамна стана референца во историјата на филмот, своевидна жанровска дата-база и параметар за успех. Или, едноставно, ремек-дело, посочуваат од фестивалот. Детален распоред на програмата на „Скопје филм фестивал“ може да се погледне на www.skopjefilmfestival.com.mk и на Фејсбук страницата на фестивалот. мд/дма/

Остани поврзан