• вторник, 24 декември 2024

Пајат: Грција постигна напредок во развојот на почиста, побезбедна и поотпорна енергија

Пајат: Грција постигна напредок во развојот на почиста, побезбедна и поотпорна енергија

Атина, 9 октомври 2024 (МИА) – Значителен е напредокот што Грција го постигна во однос на изградбата на енергетскиот систем што е почист, побезбеден, поотпорен и ги унапредува нашите заеднички интереси како сојузници и партнери, истакна помошникот секретар за енергетски ресурси на САД Џефри Пајат за време на неговото учество во Атина на работилница за диверзификација на снабдувањето со природен гас во југоисточна и централна Европа, јави дописничката на МИА од Атина.

Пајат од вчера е во Грција, денеска заминува за Турција, а за време на посетите во Атина и Истанбул планирани се средби со министри и претставници на приватниот сектор за да разговараат за регионалните енергетски транзиции и приоритетите за енергетската безбедност.

Како што соопштија од Стејт департментот, помошникот секретар во Истанбул ќе учествува на регионалната конференција на Атлантскиот совет за чиста и безбедна енергија заедно со владини претставници и лидерите на приватниот сектор од Турција, како и со претставници од Албанија, Северна Македонија и Романија, а ќе разговараат за унапредување на развојот на чиста енергија и колективните напори за регионалната енергетска безбедност.

- Одлично е што сум повторно во Грција. Секогаш ми е задоволство да се сретнам со министерот за енергетика на Грција Скилакакис. Инспиративно информирање за новините за лидерството на Грција во развојот на чиста енергија и перспективите за извоз, напредокот на регионалното поврзување, дискусиите за американските инвестиции каде поддршката од Стејт департментот на САД за енергетика може да помогне, напиша Пајат на платформата Икс и истакна дека вертикалниот коридор „ќе ѝ помогне на ЕУ да продолжи со значајната транзиција од несигурното руско снабдување“.

На работилницата во Атина, освен министерот за енергетика на Грција и неговата заменичка, учествуваа и бугарскиот министер и заменик-министерот за енергетика на Украина и претставници од ЕУ. ср/ми/

Остани поврзан