• сабота, 23 ноември 2024

Патријарх Вартоломеј: Мноштвата на православните се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква

Патријарх Вартоломеј: Мноштвата на православните се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква
Скопје, 10 јуни 2022 (МИА) - Вселенскиот патријарх г. Вартоломеј вчера на нашиот архиепископ г. Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви, со кој се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква. - Денеска, браќа мои, кога наскоро ќе се исполни великиот ден на Педесетница, стаса и многукопнежниот час на решение за еден долг и болен раскол во Телото на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Денеска помеѓу нас стојат овде.. најсвештениот во Христа брат, архиепископот охридски г. Стефан и неговата чесна придружба, за да го примат од нашите раце Патријаршискиот и синодален акт за востановување на црковното општење на нивната Мајка, Великата Христова Црква со нив, а од неа и преку неа со останатите помесни, свети Божји Цркви, преку врската на љубовта, единството и евхаристиското зближување преку взаемна почит, истакна патријархот Вартоломеј во обраќањето при предавањето на Актот, на крајот на вечерната богослужба во ставропигијален манастир „Балаклија” во Истанбул,  што се одржа по повод споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава и празникот на иконата на Мајката Божја „Достојно ест“ и воедно именден на вселенскиот патријарх. Тој нагласи дека станува забор „голема радост на небото, зашто одамна скинатата риза на Господа се обновува, цела и неповредена, со иглата на Светиот Дух“ и „мноштвата на православните се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква“. - Денеска се уверуваме во точноста на нашата вера, зашто најјасно се покажува вредноста на црковната двонасочност и нераскинливата врска помеѓу нејзините Ороси и Канони. Денеска, значи, уште еднаш се покажува вредноста не само на Оросот на светиот Четврти вселенски собор во Халкидон, но и на каноните кои го запазуваат единството и целоста на Господовото Тело, преку поставувањето на тешки и свештени одговорности врз рамената на секој архиепископ константинополски, истакна патријатхот Ватоломеј. Тој додаде дека се одговорноста на архиепископот константинополски за Еклитон (апелациското прибегнување) по молбата за апелација на нашиот Синод до Вселенската Патријаршија од пред четири години, за него „не претставува привилегија, но жртва и исцрпување, заради спасението на верните…“ - Свештенејши архиепископе г. Стефане, Мајката Црква Константинополска болуваше, се молеше, долго трпеше, очекуваше, се надеваше, советуваше и се подготвуваше за наоѓање решение за проблемот што ја засегаше Вашата помесна Црква… Ги разбираме вашите потешкотии, искрснатите дилеми, внатрешните соображенија, променливите различни мислења; но решенијата сакаат жртва и храброст. Така ја чувствуваме и радоста на сите вас за настанатиот развој. Од денеска, кога добивате положба и служба во сесвештеното Тело на Црквата, се надеваме дека ќе се покажете еднакво достојни на благонаклонетоста на Великата Христова Црква кон вас… Го благословуваме Народот на најсветата Архиепископија Охридска. Ја поздравуваме видливата, добра и братољубива расположба на најсветата Црква на Србија кон вас. Очекуваме и официјално известување од вас за напредокот на дијалогот помеѓу вас. На крај, ви го врачуваме востановителниот за црковното општење Патријаршиски и Синодален Акт и го претвкусуваме сослужението со вас на претстојната недела на Педесетница, а Бог на мирот нека биде со сите вас, амин, истакна патријархот Вартоломеј. На чинот на примопредавањето на Актот на кој присуствуваа и нашите митрополити преспаснко-пелагониски г. Петар и дебарско-кичевски г. Тимотеј и епископите г. Климент Хераклејски и г. Партениј Антаниски, архиепископот г. Стефан, кој во своето обраќање кон патријархот Вартоломеј, нагласи дека дошле кај него, време во кое тој го слушнал крикот на нашето срце и го почувствувал копнежот на нашите души. - Дојдовме при Вас и сме многу радосни поради тоа. Дојдовме да го изразиме нашиот копнеж по Христа, кој, како православни Христијани, го имаме, и да ги изразиме почитта, честа и благодарноста пред Вашиот престол – да ги објавиме гласно, овде, од под куполата на Константинополската Црква, пред сечесниот Вселенски престол, нашата љубов кон целата Вселена, истакна неговото блаженство г. Стефан. Затоа, додаде тој, стоејќи денес пред Вас и со привилегијата да стоиме со Вас, дојдовме да Ви кажеме едно големо благодарам. - Еве, токму во оваа благословена вечер, во која се собрани многу благодатни добрини: празникот на апостолите Вартоломеј и Варнава и соборот на првата светогорска икона ‘Достојно ест”; оваа ставропигија во која се наоѓаме и живата вода која се роди од Живоносниот источник; мртвите во гробовите и мртвите што воскреснавме; еклитонот кој кон Вас го упативме и преку чие оправдување нè прифативте во општење со Вас и со сиот православен свет; и Вие, Архиепископе Константинополски, Вашите привилегии и Вашето срце полно со љубов, нагласи архиепископот Стефан. По богослужбата, архиепископ г. Стефан, во знак на благодарност отслужи Трисагија пред гробот на патријархот Димитриј, за покојните цариградски пастири погребани на истите гробишта. Делегацијата на Охридската Архиепископија, кој од вчера престојува во Истанбул, в недела на роденденот на Црквата, Педесетница, во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар ќе присуствува на заедничката патријаршиска и синодална света литургија на патријархот г. Вартоломеј и архиепископот г. Стефан. Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата и примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа. - Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денеска, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново: Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и синодален акт, беше наведено во одлуката на Вселенскиот синод, во која се додава дека како име на нашата Црква го признава „Охридска, имајќи ја на ум како област на нејзина јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија“. Вселенската патријаршија во одлуката наведе и дека остава на „Црквата на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание“. Одлуката на Синодот на Вселенската Патријаршија уследи откако по повеќедеценискиот спор со СПЦ и меѓународната изолација и непризнавање на нашата Црква од православниот свет, во април 2018 година нашиот Синод едногласно испрати молба за апелација до Вселенската Патријаршија, која единствена на сеправославно ниво има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност. Молбата од Синодот на Охридската Архиепископија веднаш беше земена предвид и според јавното соопштение од мај истата година Вселенската Патријаршија одлучи да се заземе за решавање на канонското прашање на нашата Црква и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија. Оттогаш и државниот врв на земјава упати неколку писма и молби до вселенскиот патријарх Вартоломеј за уважување на молбата за апелација. Одлука за отстранување на шизмата не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата Црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската Патријаршија и претставува објава дека таа повеќе не е во шизма и раскол со севкупната православната Црква и нејзините свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви, додека за утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори. Ваквиот потег на патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија претставува историски настан, бидејќи со него конечно се исправи долгата неправда нанесена врз нашата Црква и со признавањето на нејзината каноничноста се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија. сп/

Остани поврзан