• вторник, 24 декември 2024

Патот Гарски мост-Извор се очекува да биде готов до крајот на годината, инвестиција вредна 20 милиони евра

Патот Гарски мост-Извор се очекува да биде готов до крајот на годината, инвестиција вредна 20 милиони евра

Скопје, 24 февруари 2024 (МИА) - Патната делница Гарски мост-Извор која е дел од регионалниот пат Кичево-Дебар се очекува да биде готова до крајот на годината. Според надлежните, досега се реализирани околу 75 проценти од работите и се работи на целата траса. 

Патот е во должина од околу 20 километри, а проекциите се дека ќе чини околу 20 милиони евра. Овој патен правец е значаен за жителите од Маврово, Дебар, Центар Жупа, Кичево и помалите населените места затоа што ќе овозможи полесно и побрзо движење.

- Патот има големо значење имајќи предвид дека ќе овозможи поврзување на регионот на Гора река, Средна Река, Долна Река односно Дебар-Кичево со сите населени места кои гравитираат во регионот и ќе овозможи побрза комуникикација особено за бизнисите од овој регион, изјави денеска техничкиот премиер Талат Џафери, кој заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изврши увид во градежните активности на овој патен правец.

Министерот Боварски рече дека се инвестирани над две милијарди евра за модернизација на патната мрежа и изградба на нови патишта низ државата.

- Нови патишта, значат нов развој за државата, нови вработувања, развој на стопанството и на крај носат благодат за сите граѓани. Тоа на нашата крајна цел, рече меѓу другото Бочварски.

Според него, со реконстркцијата на патниот правец Маврови Анови - Жировница, дел од патниот правец Маврово-Дебар, за што се инвестирани околу шест милиони евра се успеало овој патен правец да се доведе на ниво на модерен и побезбеден пат којшто речиси децении наназад не бил рехабилитиран.

Оцени дека реализацијата на капиталните проекти оди во добра насока посочувајќи дека  ако минатата година реализацијата на капиталните инвестиции била на ниво од 707 милиони евра, годинава се очекува да биде над 730 милиони евра.

Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Ристеми, оваа патна делница е една од најважните инфраструктурни проекти во Југозападниот регион. 

- Оваа патна делница која се протега низ планински предел и која на превоите достигнува над 1.500 метри надморска височина е еден од најважните инфраструктурни зафати во Југозападниот регион. Проектот предвидува изградба на 19 клометри пат, со широчина од 6 метри. Во моментот се работи на целата траса, на некои делови се врши тампонирање, некаде се прават потпорни ѕидови, насипи, а на повисокиот дел на трасата веќе има и прв слој на асфалт, рече Рустеми.

Најави дека со годишната програма, за оваа календарска година планирана е и реконструкција на делницата Никифорово-Леуново-Бунец во должина од 10,4 километри со предвидена вредност од 6,5 милиони евра.

Заедно со техничкиот премиер тие изврпија увид и во реализацијата на првата фаза на реконструкцијата на пумпната станица од Хидромелиоративниот систем „Дебарско поле“. вт/бак/

Фото: МИА/Влада 

 

Остани поврзан