ПАСОК ќе достави предлог за гласање недоверба на Владата штом излезат нови докази за железничката несреќа
- Се обврзувам дека штом произлезат нови докази од наодите што докажуваат дека веќе две години свесно го мами грчкиот народ, ќе преземеме иницијатива да поднесеме предлог за гласање недоверба на опасната Влада, истакна лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис по вчерашното интервју на грчкиот премиер за железничката несреќа кај Темпи, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 30 јануари 2025 (МИА) – Се обврзувам дека штом произлезат нови докази од наодите што докажуваат дека веќе две години свесно го мами грчкиот народ, ќе преземеме иницијатива да поднесеме предлог за гласање недоверба на опасната Влада, истакна лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис по вчерашното интервју на грчкиот премиер за железничката несреќа кај Темпи, јави дописничката на МИА од Атина.
Во денешната изјава претседателот на главната грчка опозициска партија рече дека „вчера видовме еден циничен премиер кој не се двоуми да се демантира дури и самиот себеси“.
-Неговата преобразба не е резултат на искреност, туку на политички страв што произлезе од многу големите протести во неделата, кои го покажаа гневот на грчкото општество поради начинот на кој владата на Нова демократија управуваше со неизмерната трагедија кај Темпи. Ни рече дека грчкиот Парламент не управуваше правилно со спроведувањето на истражната комисија, но за највисока државна функција ни го предлага претседателот на Парламентот, рече Андрулакис.
За најавата на лидерот на ПАСОК за евентуален предлог за гласање недоверба на Владата, владиниот портпарол Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека „господинот Андрулакис го потврдува ставот дека грижата на опозицијата е да извлече политички придобивки од трагедија“.
-Добредојден е секој предлог или за дискусија во Парламентот, што се обврзавме да се одржи во следните денови, нема да задоцни, но и во случај опозицијата да одлучи да стори нешто друго, обврзани сме, но и секако сакаме ваква дискусија, бидејќи, одговараме со докази, а единствена наша грижа е да се расчисти случајот, објасни Маринакис. ср/ссм/