• петок, 15 ноември 2024

Партиските пазарења им обезбедија „зелено светло“ на кандидатките за еврокомесарки Росвол и Лабиб 

Партиските пазарења им обезбедија „зелено светло“ на кандидатките за еврокомесарки Росвол и Лабиб 

Брисел, 11 ноември 2024 (МИА) – Кандидатките за нови еврокомесарки Јесика Росвол и Хаџа Лабиб минатата недела го минаа филтрите на соодветните ресорни комитети на Европскиот парламент, како резултат на договор меѓу Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), објави бриселскиот портал „Политико“, повикувајќи се на извори во ЕП. 

Истите извори посочуваат дека и покрај „разочарувачкиот настап“ на Росвел на сослушувањето и „контроверзна репутација“ на Лабиб, и двете добија „зелено светло“ за именување за еврокомесари, по договорот постигнат зад затворени врати на трите партиски групации. 

Според „Политико“, иако Росвол, која доаѓа од редовите на ЕПП, имала „разочарувачки настап“ на сослушувањето во врска со нејзиниот недостиг на искуство во еколошките политики, таа сепак беше одобрена за позицијата еврокомесарка за животна средина, благодарение на партиските пазарења.  

По сослушувањето на Росвол, дел од европратениците изразија разочарување поради тоа што таа не дала детални одговори на некои нивни прашања и најавуваа планови да и испратат дополнителни прашања во писмена форма. Поради ова беше одложен и состанокот на кој требаше да се решава за нејзиното одобрување. 

За разлика од Росвол, Лабиб, кој и припаѓа на либералната група РЕ, имала добро претставување на нејзиното сослушување, но некои пратеници имале резерви кон нејзиниот избор поради „контроверзна репутација“ што ја има во Белгија и низата гафови во минатото. 

Во изразувањето на таквите резерви предничеа европратениците на ЕПП, кои оценија дека Лабиб, која е номинирана за еврокомесарка за подготвеност, управување со кризи и еднаквост, промовира „идеолошка агенда, наместо заедничките интерес на ЕУ“. 

„Политико“ наведува дека ваквите забелешки всушност се должат на тоа што ЕПП решила да ја направи Лабиб „заложник на одобрувањето на Росвол“. 

Според либералниот европратеник Паскал Канфин, кој бил дел од тие „пазарење“, обезбедената поддршка за двете кандидатки била поврзана. 

- Не беше можно да се договориме за Росвол, без договор со ЕПП и за Лабиб, и обратно, изјави Канфин. 

Тој информира дека пакетот за поддршка на Росвол и Лабиб вклучувал и договор за трансформација на Поткомитетот за здравство во Комитет со свои надлежност кои ќе бидат преземени од досегашните ингеренции на Комитетот за животна средина. 

Согласно договорот, новиот Комитет за здравство ќе ја преземе одговорноста за политиките за јавно здравје, меѓу кои здравствените системи, употребата на тутунот, фармацевтската политика и медицинските уреди, додека Комитетот за животната средина ќе ги задржи безбедноста на храната и пестицидите, заштитата на животната средина и квалитетот на воздухот. 

Според „Политико“, ваквиот договор се оценува како „голема победа“ за социјалдемократите, кои стравуваа дека Комитетот за здравство може „да навлезе во надлежностите“ на Комитетот за животна средина, со кој претседава нивни европратеник. сп/

Фото: ЕП

Остани поврзан