Папата Франциск, по повод Велики четврток, им ги изми нозете на 12 жени во затвор во Рим
- Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск денеска им ги изми нозете на 12 жени во затвор во Рим, како дел од ритуалот по повод Велики четврток, кој му претходи на Велигден.
Рим, 28 март 2024 (МИА) - Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск денеска им ги изми нозете на 12 жени во затвор во Рим, како дел од ритуалот по повод Велики четврток, кој му претходи на Велигден.
Во текот на денот, аргентинскиот језуит беше во женскиот затвор Ребибија, на периферијата на Рим и таму го изврши обредот, кој веќе го направи во 2015 година, но сега по првпат обредот им го посвети само на жените.
Седејќи во инвалидска количка, папата им ги изми нозете на затвореничките. Некои беа трогнати до солзи од тој гест, а потоа им ги избриша нозете со крпа и ги бакна.
Папата, кој има 87 години, се чини дека е во добра форма, иако неговата здравствена состојба предизвика загриженост во последните денови, со повторени инфекции кои во неколку наврати го спречуваа да ги држи своите говори.
„Сите ние доживуваме мали и големи неуспеси“, рече папата во проповедта за време на мисата во дворот на притворот каде што се затворени околу 370 жени. Миењето стапала е „гест што не повикува да им служиме на другите“, додаде тој.
Пред тоа, папата Франциск со насмевка се ракуваше со затворениците.
Во христијанската традиција, Велики четврток се одбележува на денот кога Исус Христос им ги измил нозете на апостолите за време на неговата последна вечера (Тајната вечера).
Од неговиот избор во 2013 година, папата Франциск во неколку наврати посетуваше затвори и прифатни центри за бегалци, каде што им ги миеше нозете на поранешни мафијаши, болни или маргинализирани луѓе.
Утре, на Велики петок, папата ќе ја предводи поворката Пат на крстот до Римскиот Колосеум. Папата минатата година не можеше да учествува во поворката поради здравствени причини. ссм/
фото: ЕПА