• вторник, 24 декември 2024

Панел: Нашето економско чудо не е можно без ЕУ

Панел: Нашето економско чудо не е можно без ЕУ

Скопје, 23 јануари 2024 (МИА) – Поставени се структурно и системски решенија за нашата земја да чекори кон ЕУ. Важно е граѓаните да знаат што значи да се за ЕУ и што значи да се двоумат за таа опција, бидејќи, членството во ЕУ е клучно за раст на земјата како мала и отворена економија. Нашето економско чудо е можно само кога ќе станеме членка на ЕУ, беше истакнато на првиот панел насловен „На патот кон ЕУ: Искористување на можностите за брза интеграција“, во рамки на конференцијата „Година на европски можности“ што ја организира Владата.

Фатмир Битиќи вицепремиер за економски прашања се оврна на структурните промени и на поддршката за домашните компании која вели, ја започна Владата од 2017 година, а со која се поддржани 919 компании со 100 милиони евра буџетски средства, кои направија инвестиции од половина милијарда евра.

-Втора системска работа која ја започнавме беше да работиме во креирање на визијата за наредните 20 години. При крај сме со носење на Националната развојна стратегија која би требало овој месец да се одобри од Владата, а потоа и во Собранието и после 27 години ќе имаме една  чадор стратегија која ќе даде јасна визија за нашата земја за наредните 20 години. Секако евроинтегациските процеси се инкорпорирани во НРС затоа што целта за ЕУ интеграција ја имаме поставено за 2030 година, рече Битиќи.

Таа стартегија, додаде тој, зборува за шест развојни области како за: иновативна, одржлива и конкурентна економија, обезбедување кохезивен локален и регионален развој, демогарфска ревитализација и социјално културен напредок, принципите на владеење на правото и доброто владеење и зелената трансформација.

-Ова е суштината на тоа што е направено сиве овие години за да се постави структурно и системски решенија за нашата земја да чекори по патот кој сите го посакуваме, а тоа е земја во која ќе има благостостојба и во која сите наши деца ќе сакаат да живеат, вели Битиќи.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и главен преговарач за ЕУ, нагласи дека последните две години можеме да ги оцениме како најуспешни во евроингетрациите од 2005 година наваму, со оглед дека 2022 година ги започнавме преговорите и споведовме успешен 15 месечен скрининг процес.

-Ние првата фаза од преговоритесме ја комплетирале. Ги завршивме и патоказите и имаме јасна слика по кој пат треба да се движме. Македонската европска машина е запалена, од нас зависи, од оваа 2024 година на можности, дали таа европска машина ќе застане или ќе продолжи и ќе стигне до 2030 година во ЕУ. Јас сум убеден дека треба да продолжиме и дека ќе продолжиме и ќе стигнеме каде сакаме  да бидеме за што се залагаме веќе 30 години.

Тој се осврна на Планот за раст, кој рече дека е резултат на новиот момент по руската агресија, како поттик од ЕУ за земјите кандидати, а кој произлезе од нинстистирањата и на земјите кандидати и на нашата земја која, вели, беше носечка сила во тоа, со цел да добиеме придобивки пред членството во ЕУ.

-Целта е да се подаде рака од страна на ЕУ на нашиот регион, и е ЕУ засекогаш да стави рака на овој регион да нема никакви дилеми дали ЗБ припаѓа на ЕУ или не. Јас сум сигурен и се надевам дека овој План ќе добие целосна поддршка од државите членки и ќе почне да се реализура многу брзо. Европските реформи она што ние сме го утврдиле не се нешто далечно. Ние имаме конкретни планови - патокази, го имаме исцртано патот, патот треба да се изоди. Веќе не е толку недостижна нашата евроспка приказна како што се чинело. Треба да ги совбереме сите сили во општетвото доколку се определени за европскиот пат, мора да се вградат себе си во оваа национална задача која ни претстои. Ако го направиме тоа како Хрватска, Романија, Бугарија, Словенија .. ќе можеме 2030 да се радуваме заедно со останатите нови членки на ЕУ. Наша цел е во 2030 година кога ќе примаат нови членки Северна Македонија да не биде во публиката туку на бината, вели Маричиќ.

Министерот за финансии Фатмир Бесими од аспект на фондовите кои земјава сега ги добива истакна дека тој износ е околу 150 евра по глава на жител, а новите земји членки (од структурните фондови) добиваат 20 пати повеќе од нас, но ако се земе европскиот буџет ќе се дојде до некаде 30 пати поголема поддршка од таа што ние ја добиваме. Тоа, според него, е испуштената можност, а во економијата тоа е висока цена. Според него, важно е граѓаните да знаат што значи да се за ЕУ и што значи да се двоумат за таа опција, бидејќи, вели, членството во ЕУ го има во секој од моделите и е клучно за раст на земјата како мала и отворена економија .

-Споредено со земјите кои поминале низ тн „економско чудо“, кај сите нив заеднички именител е каков пазар имаат обезбедено, човечкиот капитал, образование, инвестиции и јаки институции или добра деловна клима. Нашето економско чудо не може да се случи без ЕУ.  Ние може да го доживееме нашето економско чудо само кога ќе станеме членка на ЕУ, оти така функционира економијхата и тоа го потврдува и науката, вели Бесими.

Професорот Синиша Наумоски експерт во делот на финансиите, вели нам ни треба кауза, а тоа е економска кауза насочена кон ЕУ. Ние немаме друга алтернатива и во оваа криза која ја има Германија, треба да ја искористиме како шанса. Германската економија размислува за голема дислокација на фирми, а тоа е можност за македонската економија и бара работа од раководството во земјата работа 24/7. Планот за раст за ЗБ, со внес на свежи 6 милијарди евра во регионот, треба да се искористи, а во прилог оди тоа што земјата има стабилен банкарски систем и кредитен раст од 8 проценти, што ќе донесе до раздвиќување на БДП. 

-Јас сум голем верник во оваа кауза ако ја извадите економијата напред. Сега очекувам и ова што е Планот за раст на ЕУ за мене е мотивација лично како човек. Се покажа дека и за ЕУ е значаен регионот. Ова е добар сигнал од нивна страна и мора да го искористиме, вели Наумоски.

Прашани во однос на тоа што не очекува е приближување на вредностите на различниот ланец на вредности и тоа е предизвик за ЕУ а можност за РСМ, која нашата држава според Битиќи мора да ја искористи. - Јас сум внимателен и не користам изрази како економско чудо, но имаме поставено услови и со Планот за раст за севкупен систем ќе ни помогне да се забрза растот. Сигурен сум дека не само што ќе се случи тоа чудо, туку ќе го надминеме очекувањата, вели Битиќи. 

Конференцијата со воведно обраќање ја отвори премиерот Димитар Ковачевски, по што се обрати првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби. Во рамки на конференцијата, следат засебни панел сесии на кои ќе се дискутира и ќе се направи пресек на владините политики и мерки преземени во 2023 година, со фокус на евроинтеграциите како клучен процес за 2024 година. вг/нд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан