• среда, 27 ноември 2024

Панел дискусија: Корона кризата драстично ги уназади работничките и човековите права во текстилната индустрија

Панел дискусија: Корона кризата драстично ги уназади работничките и човековите права во текстилната индустрија
Скопје, 6 јули 2021 (МИА) - Кризата предизвикана од Ковид-19 донесе голем број на загубени работни места, намалени плати, прекршени работнички права и ризик по физичкото и психичкото здравје на работниците и работничките во текстилната индустрија. Ова се само дел од сознанијата кои беа изнесени на денешната панел дискусијата на тема „Индустрија во криза – Предизвиците на текстилната индустрија пред и по кризата со Ковид-19“, која беше организирана од страна на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ. Виктор Стојкоски, еден од главните истражувачи на проектот, истакна дека анализата на податоците од државните институции и локалните самоуправи покажуваат дека невработеноста во текстилната индустрија се зголемила за 128 отсто, а учеството на лица со примања под минималецот се зголемува за 17,6 проценти во април 2020 година. Вели дека овие резултати се поразителни и укажуваат на тоа дека текстилната индустрија била нестабилна уште пред почетокот на пандемијата, но со нејзиното јавување овие проблеми дошле до израз. Според Кристина Ампева, извршна директоркана Здружението Гласен Текстилец, откако била прогласена кризата жените биле први на удар. -Откако е прогласена кризата први на удар беа жените посебно во текстилната индустрија како ниско платена гранка, но оние мерките за бремените, хронично болните, мајките со деца од 10 годишна возраст, мислам дека тука настана најголемиот хаос и најголемиот број на прекршувања на договорите за вработување, злоупотреби со истите договори, воедно не беше исплаќана минималната плата, иако имаше државна помош за исплата на минимална плата, изјави таа. Ампева информира дека дополнителен проблем е непостапувањето на одредени институции. -Ние имаме една кривична постапка и истата стои во Јавното обвинителство во Делчево и не се процесуира од ноември минатата година. Воедно пропуштивме голем период за дури од ноември да видиме дека има кооридинирани акции од страна на Управата за јавни приходи, не изостанува ни Основното јавно обвинителство - Скопје каде уште лани во август беа предадени случаите, се уште не гледам дека нешто е процесуирано за тие злоупотреби на државна помош, заклучи Ампева. На презентацијата на заклучоците од огранизациите присуствуваше и директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчевска, која порача дека е потребно доследно спроведување на законските мерки и обврски кои произлегуваат од законите и од одлуката за превентивни мерки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест Ковид-19. -Во текстилниот сектор во текот на 2020 година извршени се 1.443 надзори, изречени се 173 инспекциски мерки и предлог за поведување на една кривична пријава. Во 2021 година исто така, продолжуваат интензивните инспекциски надзори. Во периодот јануари–мај 2021 извршени се 700 надзори во текстилниот сектор, додека изречени се 202 инспекциски мерки, посочи Тренчевска. Претседателот на Синдикатот за текстил, кожа и чевларство при ССМ Љупчо Радевски, смета дека овие проблеми не се присутни само во текстилната индустрија туку и пошироко, и воедно ги истакна и останатите проблемите во оваа индустрија. -Во текстилната индустрија има многу работници кои се на определно работно време. Ние сега во новиот Закон за работни односи инсистираме да биде една година, ако некој има квалификации и е добар нема што да го чувате пет години, мора да му дадете право на неопределено работно време бидејќи се покажа во пракса дека и после тие години да му сменат работно место прквалификација и тоа бесконечно да трае, пробуваме исто така затоа што женската работна сила е најприсутна во текстилната индустија породилното да биде 12 месеци, мајката да може да се посвети малку повеќе време на детето, кога ќе сумираме се потребен е Закон кој што ќе биде во целост и ќе ги врати изгубемните работни права, заклучи Радевски. Во воведното обраќање на Програмската директорка за Владеење на правото и добро управување, Данче Даниловска Бајдевска, беше посочен генералниот заклучок дека правата на текстилните работнички се во најголема мера прекршени и дека текстилниот сектор е всушност еден од најпогодените сектори од кризата со Ковид – 19. -Во овој контекст, идните јавни политики за подобрување на состојбата во текстилната индустрија мора да бидат насочени кон овозможување на долгорочна одржливост и стабилно враќање во насока на раст и развој на технологиите и економските услови за вработените и работодавачите, потенцираше Даниловска Бајдевска. На презентацијата беше истакнато дека корона кризата драстично ги уназади работничките и човековите права. Како и дека се покажало оти профитот е поважен од човечкиот живот, односно од егзистенцијата на обичниот работник и целото негово семејство. Настанот беше организиран во рамките на проектот „Одговор на социо-економските ефекти од КОВИД-19 преку поддршка на ранливите групи на ниско платени работници, работници кои се дел од неформалната економија и привремено вработени работници”, поддржан од страна на Фондацијата Отворено Општество – Македонија.свс/дма/

Остани поврзан