• петок, 27 декември 2024

Ковачевски: Сега е моментот на заеднички интереси, кога и ЕУ има потреба од нас и ние од ЕУ

Ковачевски: Сега е моментот на заеднички интереси, кога и ЕУ има потреба од нас и ние од ЕУ

Скопје, 12 јануари 2024 (МИА) - Сега е моментот на заеднички интереси, кога и ЕУ има потреба од нас и ние од ЕУ. И оваа уникатната шанса за продолжување по тој пат, ќе се реализира. Граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат придобивките од членството во НАТО, но тие многукратно ќе се зголемат, со активното продолжување на европските интеграции и полноправното членство, порача премиерот Димитар Ковачевски на панел-дискусијата на тема: „Економските придобивки од интеграција во ЕУ за компаниите и граѓаните во Северна Македонија“.

Тој рече дека целта не е да убедуваме, затоа што мнозинската волја за ЕУ е јасна, туку да доинформираме што навистина значи евроатлантската определба и членството во ЕУ. Според него, јасно е видлива разликата на времето кога државата беше во меѓународна изолација и денес, кога е членка на НАТО и оди по јасно трасиран пат на преговори со ЕУ.
 
-Како и што веќе посочив, имаме рекорден број инвестиции, нови работни места и рекордно намалување на невработеноста, повисоки плати, пензии, највисока историска минимална плата, највисока историска просечна плата, три пати поголема социјална помош како и најголема историска државна помош за домашните компании како за одржување на ликвидноста така и за нови инвестиции во компаниите...Европската Унија и досега е нашиот најголем донатор и главен трговски партнер со 77,5 проценти од извозот на земјата и 51 процент од нејзиниот увоз. Трговијата на Северна Македонија со ЕУ минатата година достигна 60 проценти од вкупната трговија. Сите можат да се уверат што значи да се има европската поддршка во развојот и солидарноста и кога сме на вистинскиот пат, рече Ковачевски.

Тој додаде дека поддршката од ЕУ ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови, кога ќе станеме нејзина членка.

-Северна Македонија покрај сите потешкотии денес е успешна приказна и тоа го направивме заедно. Од заробена држава станавме фактор на стабилноста и безбедост во регионот што се гледа низ економските параметри. Сега и ние сме ѝ потребни на Европската Унија, бидејќи во овој момент ЕУ има потреба да ја обезбеди стабилноста на европскиот континент. Сега е моментот на заеднички интереси, кога и ЕУ има потреба од нас и ние од ЕУ. И оваа уникатната шанса за продолжување по тој пат, ќе се реализира, нагласи Ковачевски.  

Со обновените стратешки пријателства и поддршката и отворените врати како никогаш досега, нагласува тој, земјата е на патот на сигурна и извесна европска иднина.

-По 17 години, успеавме да ги отворивме преговорите. Генерации во државава пораснаа со чувството и желбата што поскоро да се стане дел од ЕУ, а сега таа шанса е пред нас. И граѓаните од нас очекуваат да ја реализираме. Јас ве уверувам сите, дека Република Северна Македонија ќе стане, до 2030 година европска Република Северна Македонија. Европската иднина е пред нас и ние ќе направиме се како политичари, како економисти, како претставници на политичките партии тој сон и таа визија на нашите граѓани да оствариме, рече Ковачевски.

Според него, не постои алтернатива на членството во ЕУ, а секој оној кој кажува други сценарија, го лаже народот.

- Прво се лаже себе си, го лаже народот, ги лаже компаниите, и на крајот ќе заврши како она што беше кога наместо европски граѓани сакавме да стануваме антички граѓани, враќајќи не назад 2300 години и се виде дека од тоа ништо не бидува. Досега ние имаме искористено 3,3 милијарди евра поддршка од ЕУ и тоа се гледа многу добро каде е инвестирано преку ИПА фондовите, преку ИПАРД, рече Ковачевски, посочувајќи дека сме најуспешна од повеќе земји членки на ЕУ во искористеност на ИПАРД средствата.

Осврнувајќи се на структурните и кохезивните фондови на ЕУ кои имаат можност да ги користат само земји членки на Унијата со  помалку од 90 проценти усогласеност од БДП на ЕУ, добиваат нето прилив од Унијата и ги развиваат своите економии. Северна Македонија доколку би станала членка на ЕУ би добивала 28,5 пати поголема поддршка од сегашната. 

- Тоа дава бенефит за граѓаните, за компаниите, за целупното општество. Нема веќе да гледаме по телевизии владеење на право, невладеење на право затоа што сите треба да бидеме искрени, влијанието не е само од политичарите, туку и од многу други центри на интереси, само никој не сака да зборува. Кога ќе влезете во ЕУ, нема веќе некажување. Тоа сакаме да го направиме во државата, а не само приказни да кажуваме. Нема замена за заедничкиот европски пазар, за слободно движење на капитал, луѓе, производи и услуги во ЕУ, порача премиерот Ковачевски.

Според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, со Планот за раст на Западен Балкан, ЕУ покажала дека европерспективата не е само на зборови и дека овој новитет за прв пат се врзува со реформскиот процес. 

-Ако во моментов имаме нешто што е за речиси 30 пати помалку од тоа кога би биле во ЕУ секако дека не би требало да бидеме задоволни, но треба да сме задоволни од она што досега сме го искористиле од 2007 од кога постои како инструмент ИПА. Нам во националното плико ни се доделени преку 1,3 милијарди евра, регионално ни биле достапни скоро 3 милијарди, 2,3 милијарди имаме достапни преку проекти, од кои дел се реализираат преку Фондот за Западен Балкан, рече Маричиќ.

Во контекст на успешното користење на ИПАРД средтсвата, тој укажа на важноста на Платежната агнеција и предложи да се разгледа можноста овој модел да се искористи и наместо ИПА-структури во секое Министерство да се создаде ИПА-Агенција која ќе ги менаџира овие средства од ЕУ со многу поголем успех.

-Нашата клучна битка треба да биде ова да биде последна ИПА рамка за нас, наредната рамка веќе да биде во кохезионите и структурните фондови на ЕУ и во заедничката земјоделска политика за да заеднички ги почувствуваме разликите и придобивките, рече Мариќиќ

Вицепремиеорт за економски прашања Фатмир Битиќи нагласи дека БДП на земјава од 2010 бил на 34 проценти од просекот на БДП на ЕУ, а во 2014 година 37 процнети, за лани да достигне 42 отсто. Целта е, вели тој, да изнесува 60 до 65 отсто од БДП по глава на жител од тој на ЕУ, а во тоа може да помогне само користењето на кохезивните фондови на ЕУ.

- Не сакам да звучи дека ние ЕУ ја сакаме само за средства, тие креираат можност за раст и развој. Таму каде што ние со нашата стапка на раст не можеме, тие ни помагаат како што им помогнале на сите земји, како Полска, Хрватска итн. Само во 2022 година во структурните фондови на ЕУ биле инвестирани 731 милијарда евра. Тоа е од прилика 50 пати повеќе од нашиот БДП. За ова зборуваме, за давање на можност растот на компаниите да не биде оставен само на нив самите, туку да се потпомогне да ја зголемат нивната конкурентност, порача Битиќи.

За министерот за финансии Фатмир Бесими, помошта од ЕУ сама по себе не значи многу затоа што нашата цел е самите да се развиеме, а да не зависиме од нив. Помошта што доаѓа од ЕУ е дел од целата рамка на буџетско планирање и идејата е како најоптимално да ги планираме, и да ги искористиме. Според него, макрофинансиската помош од ЕУ, односно од ЕК во контекст на финансирањето на буџетот од 100 милиони евра, значи доверба во државава.

Од реалниот сектор со порака дека за економскиот развој, важна е технологијата но, клучно е и инвестирањето во образованието.

-Технологијата ќе ја купите, но образованието е на многу ниски гранки и ние мораме тука најмногу да вложиме, во вештините, обуката. Во ЕУ, јавната потрошувачка за образование е 5 отсто од БДП, а тука е 3,7 отсто. Ако си заминат луѓето, ќе треба да и ставиме клуч на државата, вели Горан Антевски, директор на „Раде Кончар“.

Панелот се одржа во рамки на кампањата „Европска иднина, поблиску од кога било“ организирана од Владата. вг/бак/

Фото: Влада

 

Остани поврзан