• петок, 27 декември 2024

Панди Јани најави вистински промени за подобар живот во Пустец 

Панди Јани најави вистински промени за подобар живот во Пустец 
Дебар, 10 април 2023 (МИА) - Кандидатот за градоначалник на општина Пустец, Мала Преспа, Панди Јани барајќи ја довербата на жителите на оваа македонска општина во Албанија, порача дека таа заслужува инвестиции и развој на секое поле.
 
- Мала Преспа заслужува инвестиции и развој на секое поле, се со цел да стане едно ново модерно туристичко и модерно место за живеење. Ветувам и ќе се залагам за одговорна и услужлива администрација. Секој еден жител ќе го добие тоа што му следува по закон. Парите ќе се вложуваат во развој на проекти. Сите села во општината ќе добијат чиста и питка вода за пиење, асфалтирани улици и голем број други проекти кои што се од круцијално значење за туризмот во едно општество, пишува  Јани на Фејсбук.
 
Додава дека со дадената доверба ќе следуваат промени за подобра иднина.
 
-Потребна ми е вашата доверба, за да во следниот период од мојот мандат направиме вистински промени и општина Пустец да доживее вистински развој и да ја претвориме во едно вистинско, туристичко и модерно место за живеење. Затоа, почитувани Македонци, време е за промени, време е за заедничка победа! Победа за сите! Победа за чиста и модерна општина, наведува Јани.
 
Во објавата упатува критики до актуелната власт на општината.
 
-Освен роднинските и партиските вработувања во изминатиов период можеше да се направи многу, но за жал не се направи ништо. Народните пари се трошеа на непотребни работи, а не  во  инфраструктура, во канализации и во развој на туризмот. Единствено што се направи се залудно фрлените околу пет милиони евра за водоводот, а и од тоа жителите на Пустец не добија ништо. Во исто време, народот не ги добива вистинските услуги кои што му следат од општината. Имено, социјална помош не е правилно распределена, и ја добиваат лица кои што поседуваат по две дури и по три куќи, а не ја добиваат оние кои што навистина имаат потреба од истата, наведува Јани.
 
Вели дека пари имало, но „не се вложувале во развојни проекти, туку се трошеле недомаќински и завршувале во нечии џебови".
 
Триесетгодишниот Панди Јани е од Пустец е дипломиран менаџер по туризам, моментно е невработен. Претходно во периодот 2015-2019 бил раководител на секторот за туризам во општината.
 
Кандидат е на Партијата на слободата, на поранешниот албански претседател Илир Мета, која ја предводи опозициската изборна коалиција „Заедно победуваме".
 
На претстојните избори за градоначалничката функција е во трка со актуелниот Пали Колефски, кој е заеднички кандидат на владејачката Социјалистичка партија и единствената македонска партија, МАЕИ. вт/дма/
 
Фото: ФБ Панди Јани 

Остани поврзан