• среда, 25 декември 2024

Пакистан му порача на Иран дека сака да ја смири ситуацијата по прекуграничните напади

Пакистан му порача на Иран дека сака да ја смири ситуацијата по прекуграничните напади

Исламабад, 19 јануари 2024 (МИА) - Пакистан изрази подготвеност да соработува со Иран за сите прашања за време на разговорот на шефовите на дипломатиите на двете земји, кои неодамна со беспилотни летала и ракети нападнаа бази на милитантите преку границата.

Нападите од двете земји се најсериозните прекугранични упади во последниве години и ги поттикнаа стравувањата од ширење нестабилноста во регионот, веќе напнат поради војната меѓу Израел и Хамас.

Иако Иран и Пакистан имаат историја на тензични односи, двете страни сега изразија подготвеност да ги намалат тензиите.

Кабинетот на пакистанскиот министер за надворешни работи, Џалил Абас Џилани, соопшти дека тој вчера разговарал со неговиот ирански колега Хосеин Амир- Абдолахиан, еден ден откако Пакистан изврши напади на иранска територија.

Иран соопшти дека девет лица, меѓу кои четири деца, беа убиени во нападот на погранично село на негова територија. Пакистан, пак, соопшти, дека две деца беа убиени во иранскиот напад во вторникот.

Министерот Џилани ја изрази подготвеноста на Пакистан да работи со Иран за сите прашања во духот на взаемна доверба и соработка, се наведува во соопштението на пакистанското МНР.

Џилани ја истакна потребата од посилна соработка во безбедносните прашања, се додава. Пакистанскиот министер претходно изјави дека Пакистан нема желба или интерес за ескалацијана судирите.

Исламабад објави дека ги погодил базите на сепаратистичкиот фронт за ослободување на Балуџистан, додека Иран со беспилотни летала и проектили ги гаѓал милитантите на групата Џаиш ал Адл.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика Иран и Пакистан да покажат максимална воздржаност, а истото го направија и САД, при што претседателот Џо Бајден кажа дека овие конфликти покажуваат дека Иран не е фаворит во регионот. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан