• среда, 25 декември 2024

Очевидец на настанот сведочеше за случајот со убиството на Денис Тот

Очевидец на настанот сведочеше за случајот со убиството на Денис Тот
Скопје, 9 ноември 2022 (МИА) - Со сведочење на сведок предложен од одбраната, денеска во Основниот кривичен суд - Скопје продолжи судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотека во скопскиот Градски парк. На денешното рочиште сведочеше Мартин Ѓорѓиевски, кој заедно со обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски бил излезен вечерта кога се случил конкретниот настан. - Анџело и Андреј ги познавам бидејќи живееме во иста населба, во Волково. Сега починатиот ми беше другар и со него се дружевме почесто, бидејќи излегувавме во ист локал, локалот се вика „Две Капки“ и така се запознавме, пет месеци пред да се случи настанот, почесто се дружевме таму, рече тој. Како што рече, вечерта кога се случил настанот, се одвивала нормално и без никаква расправија. - Имаше неколку испади, се случуваше, не да направи конфликт, но во врска со напаѓање на други девојки, не да ги нападне, туку одеше нон стоп да се запознава со други девојки, како што беше и вечерта во клубот, рече тој. Сведокот посочи дека неколку пати му нагласил на Денис Тот дека претерал со алкохолот. - Му ја подадов јакната за да си одиме бидејќи ние седевме во горниот дел, а тој долу начека една маса со девојчиња и таму беше. Го повикав, дојде, ја зема јакната, ја испи последната чаша на екс. Во холот каде што се наплаќаат картите се поздравивме и бидејќи сите бевме од Волково и немавме толку финансии да си плаќаме такси секој посебно, а јас мојата кола ја имав оставено пред кафаната „Две капки“, се договоривме ние што сме од Волково да одиме до мојата кола со таксито и од таму да ги префрлам сите, рече тој. Мартин Ѓорѓиевски посочи дека излегол прв, видел такси пред вратата и прв влегол во него. - Јас бев позади совозачот, потоа мислам дека Анџело седна до мене на средина, а Клементина влезе од левата врата. За да седне и Виктор, Клементина се префрли кај Анџело во скут. Денис влезе во таксито и му кажавме да излезе, бидејќи чекаме да влезе другар, но тој упорно се пикаше во колата и почна да упатува погрдни зборови кон Клементина: „што сакаш ти курво мала“ и кон Анџело: „ти да ќутиш“. Анџело му рече: „полека малку, смири се“, а Клементина му нагласи: „излези, не е за тебе местото“. Тој дел од секундата почна некоја си турканица внатре во таксито и имаше напад кон Клементина и Анџело од страна на Денис, раскажа Мартин Ѓорѓиевски. Потоа, како што рече, Анџело извикал „што ме маваш“ и дека сѐ тоа се случило во неполна секунда. Кога излегол од таксито, сега починатиот Денис Тот, веќе паѓал на грб и тој веднаш се стрчал да ги раздвои. - Тоа беше шок за мене, сепак, Денис ми беше другар, секој втор, трет ден во неделата ние бевме заедно, рече тој. Обвинителството ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска. ар/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан