• сабота, 23 ноември 2024

„Охрид SOS“: ДИЖС повторнo се прогласува за ненадлежен за тампонирањето на охридското крајбрежје

„Охрид SOS“: ДИЖС повторнo се прогласува за ненадлежен за тампонирањето на охридското крајбрежје

Охрид, 11 јуни 2024 (МИА) – Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ до надлежните инспекторати, вклучително и Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) поднела пријави за тампонирање на дел од крајбрежето на Охридското Езеро кај Свети Стефан.

Како што посочуваат во соопштението лиферувано до медиумите, од ДИЖС добиле одговор дека согласно Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, дозволени се интервенции доколку се користат автохтони материјали, додека за тоа дали се постапува согласно предвиденото надлежна е Општина Охрид.

Од „Охрид SOS“ посочуваат дека во ДИЖС по којзнае којпат се огласуваат со ненадлежност, дека вишиот инспектор за природа, д-р Хасан Рустеми е „добро познат по неговата ‘стручна’ проценка за ненадлежност, во ред случаи кога природата е предмет на уништување“.

„Ете инспекторот Рустеми и овој пат смета дека истурањето земја во Охридско Езеро и тампонирање за да си овозможат плажа за гостите, оние кои со рестораните влегоа во езеро, не се коси со никој од законите кои се во негова надлежност т.е. закони за чие почитување Рустеми секој месец зема плата“, стои во реакцијата од „Охрид SOS“.

Активистите на иницијативата го потсетуваат инспекторот и директорот на ДИЖС Сретен Стојковски,  дека согласно Законот за заштита на природата, државните инспектори се овластени да утврдат „користење и употреба на природното наследство и природното богатство и зведување на активности кои можат да предизвикаат промени и оштетувања на природното наследство или природното богатство“, но оти како што посочуваат инспекторот или смета дека тампонирање во зерото не спаѓа во штетни активности или не смета дека Охридско Езеро е природно богатство.

Истовремено од „Охрид SOS“ посочуваат дека Планот за управување со светкото природно и културно наследство на Охрискиот регион произлегува од Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, во кој децидно стои дека „Инспекциски надзор над примената на овој закон и на прописите донесени врз основа на овој закон во делот на природното наследство го врши Државниот инспекторат за животна средина преку државните инспектори за заштита на природата.“

„Државниот инспекторат за животна средина веќе одамна реално не постои, но ова ги надмина сите граници. До кога нашето непроценливо богатство ќе биде оставено на милост и немилост на некомпетентните“, стои во реакцијата од Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“.

За случајот со тампонирањето на дел од крајбрежјето на езерото со реакција се огласија и од партијата „Левица“, со забелешка дека продолжуваат градежни активности што се одвиваат спротивно на законот и интересите на граѓаните, а во интерес на локални моќници. Притоа од партијата побараале од надлежните институции, да се произнесат за градежните активности во месноста „Застава“ и да информираат дали и што се презема во врска со посочениот случај. аб/ев/

фото/Охрид SOS/Левица

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан