• понеделник, 23 декември 2024

Охрид домаќин на Светскиот конгрес на Интернационалната полициска асоцијација

Охрид домаќин на Светскиот конгрес на Интернационалната полициска асоцијација

Охрид, 18 септември 2024 (МИА) – Светската и регионалната безбедност и стабилност, начините за зајакнување на мултилатералната полициска соработка помеѓу членството на Интернатионалната полициска асоцијација (ИПА), поголема професионалност на вработените во полициските служби низ најразлични видови едукација и размена на искуства се меѓу главните теми на кои се расправа на 67. Светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација што се одржува во Охрид.

Како што посочи Мартин Хофман, претседетел на Интернационалната полициска асоцијација, работата на аосцијацијата е да се направи поврзување на државите со засилена полициска соработка, низ најразлични облици и на сите нивоа.

- Овие собири секако ни помагат во размена на искуства и добри практики, сето во насока на справуавање со криминалот во сите негови облици...Понекогаш соработката на ова ниво какво што е членството во ИПА дури е и попродуктивно и од онаа реализирана преку официјалните канали на комуникација.  Како аполитична организација секако се обидуваме да помогнеме во фукнционалноста на  севкупната соработката помеѓу полициите во регионот, но и во светски рамки, додаде Хофман.

Претседателот на ИПА Македонија, Игно Стојков, од своја страна изрази задоволство што Светскиот конгрес како најзначаен настан на Интернационалната полициска асоцијација се одржува тука, со присуство на претставници од 64 држави-членки на Асоцијацијата.

- Годишно надвор изнесуваме од 500 до илјада полициски службеници на разни обуки, семинари и работилници. Технички преку проекти го помагаме и делот на општото работење и живеење на полициските службеници и каде што можеме и во делот на технички помагала во Министерството. Нашите обуки и семинари се на трошок на ИПА организацијата и со самото тоа му помагаме на МВР, а обуките се високо професионални. Интенцијата како ИПА ни е да ги споиме полициските службеници преку размена на информации и искуства и да го подигнеме нивото на професионалност на сите полициски службеници, додаде Стојков.

Официјалниот дел од работата на Светскиот конгрес на ИПА во Охрид ќе биде заокружен со манифестацијата „Недела на пријателство“ при што за учесниците на собирот се предвидени туристички разгледувања на повеќе ИПА региони, градови, значајни историски и туристички места во Македонија. аб/дма/

фото/МИА

 

Остани поврзан