• сабота, 23 ноември 2024

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Охрид, 15 мај 2024 (МИА) – Претставници на Националната установа „Охридско лето“ учествуваа на Самитот на уметнички фестивали што изминатите четири дена се одржуваше во германскиот град Уседом. На собирот во чии рамки се одржа и 71. Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА), директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, ги презентираше успесите на фестивалот, неговата специфиност, посебеност, препознатливост...

„’Охридско лето’ е фестивал единствен на нашите простори, еден од најистакнатите културни настани во Европа и светот, фестивал со вековна отвореност кон културите создавајќи духовна интеракција во размената на светските добра. А членството во оваа елитна асоцијација е доказ дека фестивалот „Охридско лето“ е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација. Високото место кое „Охридско лето“ го зазема меѓу  повеќе од 140 фестивали членки на ЕФА ја потврдува неговата посебност и специфичност“, рече Поповиќ.

Во својот говор директорката Поповиќ потенцира дека фестивалот „Охридско лето“ повеќе од половина век претставува најголемата културна музичко-сценска манифестација препознатлива во светски рамки, цврсто чекорејќи кон остварување на мисијата - културна Европа со заеднички врвни културни вредности.

Поповиќ потсети дека „Охридско лето“ секоја година пречекува над илјада врвни уметници од целиот свет кои се воодушевени од прекрасната организација благодарение на посветеноста и професионализмот на тимот на Фестивалот.

На четиридневниот собир првите луѓе на ЕФА и над 300 делегати и претставници на најдобрите европски фестивали дебатираа за одржливоста на различните култури преставувајќи ги фестивалските градови и региони со сите нивни карактеристики. На собирот беше потенцирана улогата на уметноста, фестивалите и фестивалските чинители во општеството, со посебен акцен ставен на влијанието на вештачката интелегенција врз уметноста.

„Долгогодишното опстојување на оваа манифестација упатува на една голема традиција, која извира од градот Охрид, духовната престолнина на државата и важи за столб на македонската култура и стожер на нашата традиција. Токму ЕФА е местото од каде се промовира врвната уметност, се негува традицијата, се градат мостови помеѓу културите на различните народи и се создава визија за иднината на светската уметничка сцена “, истакна Поповиќ.

ЕФА асоцијацијата вклучува над 140 фестивали од 40 земји, во која фестивалот „Охридско лето“ членува од 1994 година. аб/дма/

фото/„Охридско лето“

 

Остани поврзан