• среда, 25 декември 2024

Оформени 13 нови предмети во Уставниот суд во мај 2023 година

Оформени 13 нови предмети во Уставниот суд во мај 2023 година

16 јуни 2023 

Почитувани, 


Во текот на месец мај 2023 година до Уставниот суд беа оформени 13 нови предмети по претходно поднесени иницијативи за оценување на уставност. Сите овие предмети се предадени на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница. 


1. У.бр.68/2023


Оспорен: Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и трнспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес бр.25-1145/5 од 24.02.2023 година


Подносител на иницијативата: Даница Чадиева


Oд наводите во иницијативата: 


Подносителката наведува дека оспорената одлука е во спротивност со владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот, како и заштита  и унапредување на животната средина предвидени со Уставот, но и целосно спротивна на Законот за управување со отпадот. Се наведува дека според Одлуката давателот на услугата кој врши собирање и транспортирање на отпад не смее да наплати цена за услуга за управување со комунален отпад од крајниот корисник, која тарифа за отпад не е одобрена од страна на Регулаторната комисија и утврдена во решението за утврдување на тарифи за отпад, што според тврдењата на подносителката е во спротивност со Законот за управување со отпадот. 


2. У.бр. 69/2023


Оспорен: Правилникот за постапката за донесување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденција на доставените колективните договори и нивните измени 


Подносител на иницијативата: Николче Мушаревски


Од наводите во иницијативата: 


Се наведува дека во оспорениот Правилник не е определено значењето на изразот „колективен договор” бидејќи според подносителот е јасно дека Законот за работни односи ги разграничува видовите на колективни договори и само за општите и грански колективни договори предвидува регистрација, па следствено на тоа во правилникот требало да се предвиди обврска за регистрација кај надлежен орган само на општите колективни договори и гранските колективни договори. Се оспорува ставот 1 во членот 4 кој според наводите му дава на министерството можност да го усогласи колективниот договор со закон, бидејќи во спротивно Министерството со решение ќе го одбие барањето за упис во регистарот. За ова е наведено дека Министерството кое е орган на државната управа нема надлежност да оценува законитост на колективни договори како општи акти, туку тоа е работа на Уставниот суд. 


3. У.бр.70/2023


Оспорен: Правилникот за постапката за донесување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденција на доставените колективните договори и нивните измени.


Подносител на иницијативата: Независен синдикат на одбраната претставуван од претседателот Ванчо Исајов


Од наводите во иницијативата: 


Се оспорува Правилникот во кој меѓудругото има одредба со која се наложува согласност од Министерството за финансиси за колективните договори од јавниот сектор, кога со договорот се предвидуваат фискални импликации за Буџетот на Република Северна Македонија. Подносителот наведува дека е спорно во членот 2 од Правилникот тоа што се наметнува обврска за регистрација за сите колективни договори, односно не прави групирање на колективните договори како што бара членот 231 од Законот за работни односи. 


4. У.бр.71/2023


Оспорен: Член 11 од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и другите избрани именувани лица.


Подносител на иницијативата: Здружение на граѓани Заштита од дискриминација за давање на правна помош на дискриминирани лица Виница, претседател Коле Илијев


Од наводите во иницијативата: 


Се наведува дека оспорената одредба е противуставна, дискриминаторски поставена во однос на пресметката на плата и другите надоместоци на останатите граѓани како лица во работен однос, односно не ги става во еднаква положба во правата во однос на другите граѓани. 


5. У.бр.72/2023


Оспорен: Член 11 од Законот за плата и други надоместоци за избрани и именувани лица во Република Македонија


Подносител на иницијативата: Славица Илиејва


Од наводите во иницијативата: 


Подносителката наведува дека одредбата е дискриминаторска во однос на останатите граѓани и спротивна на членот 32  став 3 од Уставот кој предвидува дека секој вработен има право на соодветна заработувачка, како и во спротивност со членот 51 од Уставот според кој законите мора да се усогласени со Уставот. 


6. У.бр.73/2023


Оспорен: Правилникот за случаите во кои се спроведува ПИЦ постапката и содржината на барањето за спроведување на постапката бр.15-3263/1 од 16.06.2021 и Правилникот за начинот на кој се врши процената на безбедноста на хемикалијата и содржината на извештајот на безбедноста на хемикалијата бр.15-3264/1 од 16.06.2011гoдина.


Подносител на иницијативата:  Игорчо Точев


Од наводите во иницијативата: 


Подносителот наведува дека од содржината на одредбата произлегува дека овластувањето за донесување на подзаконскиот акт со кој во подробности се разработува Законот за хемикалии во однос на наведената одредба се донесува од страна на директорот на Агенцијата за лекови. Се наведува дека не постои овластување на министерот за здравство да го донесе подзаконскиот акт кој не е усогласен со владеењето на правото. 


7. У.бр. 74/2023


Оспорен: Член 343 став 3 од Законот за парнична постапка


Подносител на иницијативата: Петар Баришиќ


Од наводите во иницијативата: 


Подносителот наведува дека со оспорениот член на странката и се забранува да се жали, спротивно на странката која има покренато тужба а нема деловна способност и ја застапува законски застапник без полномошно. Иницијативата содржи наводи дека со оваа одредба се нарушува принципот на еднаквост на страните при водење на првостепената и жалбената постапка, поради тоа што една странка поради определени повреди може да има право на жалба, а друга не. 


8. У.бр.75/2023


Оспорен: Член 133 став 1 од Законот за катастар на недвижности


Подносител на иницијативата: Комора на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва на геодетски работи на РM


Од наводите во иницијативата: 


Според подносителот се оспорува уставноста и законитоста на одредбата во делот „од кои четири члена од редот на членовите на Комората и на рпедлог на директорот на Агенцијата три члена од редот на вработените во Агенцијата”. Се наведува дека членовите на органите на Комората треба да бидат од редот на членовите на Комората, односно да ги сочинуваат претставници на трговците поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи.  Подносителот наведува дека оспорената одредба е спорна и негативно влијае на слободата на претприемништвото, бидејќи трговците поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи доаѓаат од приватниот сектор. 


9. У.бр.76/2023


Оспорен: Делот „став 2 од“ од член 136 став 1 од Законот за лекови и медицински средства


Подносител на иницијативата:  Игорчо Точев


Од наводите во иницијативата: 


Подносителот наведува дека оспорената одредба упатува на друга одредба, непостоечка која е избришана од правниот поредок. 


10.У.бр.77/2023


Оспорен: Делот „за државните службеници“ од член 142 став 1 од Законот за лекови и медицински средства и член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лекови и медицински средства.


Подносител на иницијативата: Игорчо Точев


Oд наводите во иницијативата: 


Подносителот наведува дека од цитираната одредба од членот 142 став 1 од Законот за лековите и медицинските средства упатува на примена на пропис кој сметано од 13.02.2015 година не е повеќе во правниот промет. 


11. У.бр.78/2023


Оспорен: Член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства 


Подносител на иницијативата: Игорчо Точев


Oд наводите во иницијативата: 


Се наведува дека со оспорениот член се доведува до забуна, бидејќи измената која се прави со него а влегува во сила од 04.09.2015 година се изменува одредба со која ниту суштински, а ниту содржински се содржани зборови кои се заменуваат. 


12.У.бр/79/2023


Оспорен: Член 116 став 2 од Законот за Пензиското и инвалидското осигурување 


Подносител на иницијативата: Славко Лазовски


Oд наводите во иницијативата: 


Подносителот наведува дека оспорената одредба креира правна ситуација, неусогласена со Уставот, односно членот 33 кој предвидува дека „Секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи утврдени со закон”.Се наведува дека само со закон може да се пропише данок  и други јавни давачки, а задршка е давачка и спаѓа во други јавни давачки.


13. У.бр.80/2023


Оспорен: Член 3 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот


Подносител на иницијативата: Александар Илиевски


Од наводите во иницијативата: 


Се наведува дека оспорената одредба е во спротивност со член 30 од Законот за даноците на имот, според кој решение за данок на имот за тековната година мора да се издаде до 31 март од истата година. 

Уставен суд 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА архива 

Остани поврзан