• среда, 25 декември 2024

Отпадот од лозјата може паметно да се искористи, презентација пред лозари и винари во Кавадарци 

Отпадот од лозјата може паметно да се искористи, презентација пред лозари и винари во Кавадарци 

Кавадарци, 24 јуни 2024 (МИА) - Отпадот од лозјата може паметно да се искористи, беше заклучокот од денешната презентација пред лозари и винари во Кавадарци. На средбата беа презентирани анализи за искористување на отпадот од лозјата и овоштарниците.  

Био-отпадот од лозјата наместо да се гори може да се користи за повеќе намени, подвлекоа Александра Караевска Димовска и Билјана Матевска, вклучени во проектот „Развој на систем за управување со органски отпад во производство на грозје и вино во Тиквешкиот регион“. 

Резултатите од проектот што се спроведува како дел од програмата за соработка со бизнис секторот develoPPP.de, а се реализира со финансиска поддршка на германското Сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ),  преку Германско друштво за меѓународна соработка, во партнерство со винаријата ,,Бовин" и Центарот за истражување и креирање политики, беа презентирани во присуство на претставници на Општината, бизнис секторот, лозари и винари. 

Експерти за оваа област, пред присутните презентираа бизнис модели за искористување на отпадот од лозјата и овоштарниците, со цел добивање на други производи, намалување на загадувањето, добивање на енергија и добивање на додадена вредност. 

-Праксата на горење на гранките на отворено, е нешто што е забрането со закон и не влегува во добрите практики што се наложени во законот за управување со отпад. Тоа е нешто што мора да се искорени, во што е можно побрз временски период, ако сакаме да се доближиме до ЕУ, рече Матевска, координатор на проектот во рамките на Центарот за истражување и креирање политики.

Караевска Димовска, советник за управување со отпад при канцеларијата на ГИЗ, посочи дека овој отпад може да биде ресурс за греење, да се добие био ѓубриво, сточна храна, брикети, пелети, брашно, масло и други производи. Значи, да се искористи и во прехранбена, фармацевтска и козметичка индустрија. 
 
 -  Се развија  бизнис модели за различни типови на производи, во соработка со тим од експерти, рече Караевска Димовска, нагласувајќи дека целта им е да ја зголемат свесноста околу можноста за искористување на овој отпад и вклучување на што е можно повеќе субјекти во тој еколошки процес.  

Караевска Димовска подвлече дека првично, заклучоците до кои доаѓаат ги реализираат заедно со „Бовин”, за подоцна тој модел на соработка да се оствари и со други винарници. свд/ир


Фото: МИА 

Остани поврзан