• понеделник, 23 декември 2024

Отворен Центар за услуги во општина Аеродром, на едно место ќе бидат достапни над 40 административни услуги 

Отворен Центар за услуги во општина Аеродром, на едно место ќе бидат достапни над 40 административни услуги 

Скопје, 26 октомври 2024 (МИА) - Нов Центар за услуги на граѓаните е отворен денеска во општина Аеродром во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот Дејан Митески и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Над 70.000 граѓани ќе можат да завршат преку 40 различни административни услуги. На едно место ќе бидат достапни услугите од Катастар, Централниот регистар, Фондот за здравство, Управата за матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување и руги институции.

- Нашите сограѓани од Аеродром, како една од најбрзорастечките општини во државата со над 70.000 жители, нема да мораат повеќе да патуваат до центарот на градот или до други општини за најосновни административни услуги затоа што за многумина тоа значеше изгубени работни часови, долги патувања низ сообраќаен метеж и непотребен стрес. Од денес, сето тоа се менува, подвлече министерот Андоновски. 

Додаде дека досегашните искуства со центрите „Една точка за услуги“, не биле задоволителни бидејќи за цела година биле издадени само 1.062 издадени документи во цела држава. 

- Затоа преземаме конкретни чекори за промена. Прво, ги лоцираме центрите таму каде што се најпотребни. Второ, наместо да создаваме нова администрација, ги реорганизираме постојните ресурси за максимална ефикасност. Трето, работиме на поврзување на сите општини во еден систем, за да обезбедиме еднаков пристап до услуги за секој граѓанин, без разлика дали живее во центарот или во најоддалеченото место, рече Андоновски. 

Најави дека во наредниот период ќе има нови центри за услуги и во Јегуновце, Кавадарци и Неготино.

Градоначалникот Митески посочи дека на ова место ќе се издаваат повеќе од 100 документи. 

Според премиерот Мицкоски, вакви канцеларии ќе се отворат на цела територија на државата, а тие ќе значат брза и ефикасна услуга за граѓаните и можност за намалување на корупцијата.

- Сето ова што се случува, ја намалува можноста за корупција. Знаете како беше до неодамна кога за 500 денари требаше да ви направи некој услуга и да извадите извод од родените. Ќе ве потсетам на сите оние гужви и понижувачки моменти за македонските граѓани кога мораше да вадат патни исправи, лични карти, возачки дозволи..... Сега сето тоа е минато за многу кратко време. За четири месеци успеавме сето тоа да го сведеме во рамки на законскиот рок, рече Мицкоски. бд/бак/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан