• вторник, 24 декември 2024

Отворен Регионален центар за одржлив развој на Струмица и Василево

Отворен Регионален центар за одржлив развој на Струмица и Василево

Струмица, 4 април 2023 (МИА) - Со потпишување договор за меѓуопштинска соработка меѓу општините Струмица и Василево денеска во Струмица беше отворен Регионалниот центар за одржлив развој на овие две локални самоуправи.

Регионалната канцеларија е со Обучен центар за поддршка на локалниот економски развој и руралниот оддржлив развој на земјоделството во струмичкиот микро регион, а целта на Центарот е дигитализирање на младите претприемачи и земјоделци и засилување на локалната и регионалната економија.

Според градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, особено е важна соработката со соседните општини, како што е со Општина Василево.

-Посебен фокус на Центарот за Струмица и струмичко е секако земјоделството, но не ги исклучуваме и другите економски гранки кои се значајни за двете општини. Во тие рамки сакам да ја потенцирам важноста на соработката на локалната и централната власт, како што е со Бирото за регионален развој и со меѓународните институции како што е УНДП, со чија поддршка имаме реализирано голем број проекти, рече струмичкиот градоначалник.

За градоначалникот на Василево, Славе Андонов, значајно е што со отворањето на овој Центар бенефит ќе имаат младите претприемачи и земјоделци, но и сите граѓани од двете општини.

-Значајно е што тука ќе се добива помош од страна на обучени лица за нивните бизниси со примена и користење на современите дигитални алатки. Овој Центар е многу значаен, бидејќи нашиот регион е пред се земјоделски и ние како општини посебен акцент ставаме на оваа гранка, истакна градоначалникот на Василево.

Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, подвлече дека како централна власт помагаат во отворање на такви центри.

-Големо е задоволството што и ние сме дел од овој проект. Соработката меѓу општините во овој регион, без разлика на политичката припадност, е на највисоко ниво, рече Реџепи.

Илмиасан Даути од УНДП додаде дека овој проект е кофинансиран од Бирото за рамномерен регионален развој, УНДП и општините Струмица и Василево во износ од над четири милиони денари.

-Проектот опфаќа целосно опремување на овој простор кој го обезбеди Општина Струмица. Обезбедена е интерактивна веб платформа, која сите заинтересирани земјоделци, но и младите претприемачи можат да ја користат. Во рамките на овој проект имаме предвидено и поддршка на жените земјоделки и претприемачки, а Центарот има посебен фокус токму во нивната поддршка, рече Даути.

Центарот се отвора во рамки на реализацијата на проектот „Пост-Ковид:општините како двигатели на одржливиот развој“. рт/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан