• четврток, 06 март 2025

Отворена управна служба за лични документи во полициско одделение Групчин, Општина Желино

Отворена управна служба за лични документи во полициско одделение Групчин, Општина Желино

Желино, 10 јануари 2025 (МИА) - Во полициското одделение Групчин, Општина Желино од денеска почна да работи нова канцеларија на Управните служби на Министерството за внатрешни работи (МВР) каде граѓаните ќе може да поднесат барања и да добијат лични документи – лична карта, возачка дозвола и пасош.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека на овој начин се доближува МВР и услугите до граѓаните.

- Ги доближуваме сите оние услуги кои се во рамки на Министерството до секој еден граѓанин во Македонија. Не измисливме топла вода. Истово ова го сторивме претходно во Липково, Јегуновце, Сарај еве и во Желино во рамки на полициско одделение Групчин отвораме управни служби при МВР каде што сите оние граѓани чиј број е околу 30 илјади заедно со нашите иселеници, ќе може во рамки на својата општина да ги остварат сите овие права во делот на фотографирање за лични карти, возачи и пасоши, подигање на целокупната таа документација. Покажуваме дека можело поинаку од она што претходно било. Само се реорганизиравме, обезбедивме соодветна апаратура, ангажиравме луѓе кои ја разбираат оваа работа и спроведовме постапка во МВР да го олесниме животот на граѓаните, изјави Тошковски.

Градоначалникот на Желино, Блерим Сејдуи, вели дека оваа служба почнува да работи откако седум години по ред испраќал вакво барање до МВР.

- За прв пат во Општина Желино ќе се издаваат личните документи како лични карти, пасоши и возачки дозволи. Благодариме на министерот што за прв пат се реализира еден долгогодишен сон на Општина Желино и барање на сите наши граѓани. Од 2018 година секоја година сум го барал ова барање да се реализира од сите министри, на писмена форма, за жал не беше досега ова преземено како сериозно барање за нашите граѓани, истакна Сејдиу.

Тетовскиот градоначалник Биљал Касами смета дека со ова полицијата наместо полициска станица позната по репресивна сила во оваа општина ќе стане место каде граѓаните ќе бидат услужени.

- Промовираме една услуга за граѓаните во Општина Желино. Се работи нешто за кое со години наназад е ветено но не е реализирано. За прв пат со новиот министер веќе во Групчин се отвора управни служби со што се менува пристапот на институциите кон граѓаните. МВР беше познато во овие краишта како репресивна оваа полициска станица, сега го менуваме целосно пристапот, од репресивна полициска станица и полиција кон услужна полициска станица. Многу од граѓаните веќе со задоволство ќе влезат тука не да бидат репресирани, туку да бидат услужени. И тоа е нашиот пристап на новата Влада да реализираме проекти во служба на граѓаните, најдобар пример најдобар модел е полицијата. Наместо полиција од која луѓето се плашеа сега со овој проекти со новиот пристап веќе полицијата ќе биде во служба на граѓаните, рече Касами.

Министерот Тошковски рече дека за отворање на ваква управна служба се разговарало и со Општина Брвеница, а најави дека секаде каде има услови во помали општини истото ќе се направи. ас/цр

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан