• четврток, 05 декември 2024

Отворена сензорна соба во ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево

Отворена сензорна соба во ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево

Скопје, 3 декември 2024 (МИА) - На Меѓународниот ден на лицата со попреченост - 3 Декември, градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски отвори сензорна соба во рамки на ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево, наменета за поддршка на децата со попреченост и нивно целосно интегрирање во образовниот процес.

-3 Декември е ден кој не потсетува на обврската како заедница да градиме општество на еднакви можности. Но, во Кисела Вода оваа заложба не е ограничена само на еден ден. Нашата посветеност на инклузијата е видлива во секој проект и активност што ја реализираме. Со гордост можам да кажам дека Кисела Вода е лидер во промовирањето и заштитата на правата на лицата со посебни потреби. Сензорните соби, каква што отвораме денес и во ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево, овозможуваат мултисензорно искуство за децата, со што се поттикнува нивниот когнитивен, емоционален и физички развој. Оваа соба е само дел од заложбите на општината, која веќе има отворено вакви простории во останатите училишта на својата територија, изјави Ѓорѓиевски.

Општина Кисела Вода информира дека е потпишан Меморандум со Институтот за специјална едукација и рехабилитација и во рамки на оваа соработка ќе има стручна пракса со студентите и наставниот кадар од институтот во сензорните соби во оваа локална самоуправа.  Со тоа, како што се наведува, ќе им овозможиме на родителите поддршка и згрижување на децата со атипичен развој воннаставата и во попладневните часови.

Градоначалникот Ѓорѓиевски потсетил и на отворањето на бесплатниот дневен центар за децата со церебрална парализа, дневниот центар за лица со попреченост, обезбедувањето на тактилни патеки, Брајово писмо и други услуги за лицата со оштетен вид, како и рампи во објектот на општината.

-Кисела Вода е првата општина која има целосно инклузивно основно училиште, а отвори и целосно инклузивна јавна детска градинка. Со сите вакви и слични проекти, постојано докажуваме дека веруваме во правото на секое лице за достоинствен живот. Остануваме посветени на создавање инклузивна средина, каде што секое дете и секој жител ќе се чувствуваат прифатени, ценети и рамноправни, изјави Ѓорѓиевски.

Во дворот на ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево во завршна фаза е изградбата на инклузивна училница на отворено, прва од ваков вид во општината. Инклузивните училници се дизајнирани да ги задоволат потребите на сите ученици, овозможувајќи им на децата со посебни образовни потреби да учат заедно со своите врсници. Оваа училница ќе биде опремена со дидактички материјали и предмети од секојдневниот живот кои поттикнуваат креативност, моторика, сетила и когнитивни способности.

Во ООУ „Рајко Жинзифов“ има вкупно 16 ученици со попреченост. мд/нд/

Остани поврзан