• среда, 25 декември 2024

Осум училишта во Скопје денеска повторно со закани за бомби

Осум училишта во Скопје денеска повторно со закани за бомби
Скопје, 27 октомври 2022 (МИА) - Осум училишта во Скопје и денеска добија дојави за поставени бомби. Околу 14 часот денеска во СВР - Скопје е пријавено дека на мејл адреси на осум училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, нагласуваат од МВР, од полициски службеници се преземаат мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, додаваат од МВР. Дојави за поставени бомби вчера беа упатени преку мејл до осум средни скопски училишта, а по акцијата на полицијата, беше утврдено дека се лажни. - Проверени се осумте училишта на чии мејлови беа упатени закани за наводно поставени бомби и утврдено е дека пријавите се лажни, информираа вчера од МВР за МИА. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски претходно денеска изјави дека истрагата за вчерашните дојави за поставени бомби во осумте скопски средни училишта е тек. - Ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови и најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој додаде дека без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас. -Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија, порача министерот Спасовски утрово во интервју на Националната телевизија. ац/сп/

Остани поврзан