• сабота, 23 ноември 2024

Османи: Џин: Економската соработка останува главен фокус на заеднички интерес на Северна Македонија и Република Кореја

Османи: Џин: Економската соработка останува главен фокус на заеднички интерес на Северна Македонија и Република Кореја

Блед, 28 август 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Кореја, Парк Џин, во рамки на Бледскиот стратешки форум, што претставува прва средба на ниво на министри за надворешни работи по воспоставувањето дипломатски односи.

Османи по средбата истакна дека е искажана заемна готовност за зголемување на трговската размена и поврзувањето на бизнис заедниците од двете земји.

Како што јави известувачот на МИА од Блед, во фокус на разговорите биле можностите за унапредување на соработката меѓу двете земји по воспоставувањето дипломатски односи во 2019 година, со посебен акцент на економските релации и бизнис врските. 

-Економската соработка останува главен фокус на нашиот заеднички интерес. Пред нас се отвараат големи можности за зголемување на трговската размена и бизнис вмрежување. Вложуваме значителни напори во економската дипломатија и сме посветени во креирањето поволни услови за странските инвеститори, рече Османи подвлекувајќи дека инвеститорите од Република Кореја во Владата на Северна Македонија ќе имаат доверлив и транспарентен партнер за реализација на нивните потенцијални идни проекти.

Како што јави известувачот на МИА од Блед, на средбата станало збор и за актуелните безбедносни предизвици по руската воена агресија врз Украина. Воедно беше поздравена и соработката меѓу НАТО и азиските партнери, каде Република Кореја има значителна улога.

Министерот за надворешни работи Османи денеска ќе учествува на Бледскиот стратешки форум, а утре на вториот ден од Форумот ќе има обраќање на панелот насловен „Западен Балкан: Се се менува, но се останува исто?“.

Османи како што е најавено ќе има билатерални средби со државната секретарка за европски прашања на Франција, Лоранс Бун, државната секретарка за европски прашања на Португалија, Тиаго Антунес, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Лорд Стјуарт Пич, со членот на Државниот совет на Франција и поранешен советник на францускиот претседател, Александре Адам, како и со лидерката на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја. ев/лв/

ФОТО: МНР

 
 

 

Остани поврзан