• сабота, 23 ноември 2024

Османи: Успешно се имплементира проектот за зајакнување на НАТО капацитетите на МНР поддржан од Обединетото Кралство

Османи: Успешно се имплементира проектот за зајакнување на НАТО капацитетите на МНР поддржан од Обединетото Кралство

Скопје, 16 јануари 2024 (МИА) - Шефот на дипломатијата Бујар Османи заедно со британскиот амбасадор, Метју Лосон имаа завршни обраќања пред учесниците во НАТО обуката, што се спроведува во рамки на проектот за зајакнување на капацитетите на Директоратот за НАТО при Министерството за надворешни работи, поддржан од Обединетото Кралство.

Пред учесниците во обуката, како што соопшти МНР, Османи изрази благодарност за континуираната британска поддршка за менторство и градење на капацитети.

-Драго ми е што корист од овој проект имаа и други институции, што воедно е и негова цел - да создаде институционална и поединечна свест дека ангажманот, посветеноста и придонесот во НАТО треба да бидат одржливи во иднина. Како земја членка на НАТО, особено значајно е да се покажеме како кредибилен партнер на нашите сојузници од НАТО, а тоа е можно преку градење капацитети и вложување во човечкиот капитал, нагласил Османи.

Амбасадорот Лосон изразил заедоволство што заедно со министерот Османи ги врачиле сертификтите на службениците од државните институции кои ја завршија обуката на НАТО поддржана од Обединетото Кралство.

-Целта на обуката беше да се обезбеди советување, поддршка и унапредување на капацитетите и способностите во институциите релевантни за НАТО, со цел да се извлече максимумот од нивниот ангажман преку одржливи политики, процеси и процедури во рамите на Министерството за надворешни работи и други институции на ниво на Владата. Обуката беше усогласена и изведена од вредностите и стандардите на НАТО за ефективно и демократско цивилно управување во безбедносниот сектор. Поддршката која ја обезбедуваме за Северна Македонија како блиски НАТО партнери и сојузници ќе продолжи и во иднина, рекол амбасадорот, Лосон.

Имплементацијата на проектот се фокусира на зајакнување на човековиот потенцијал, политиките на НАТО, како и процесите и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО, а кои треба да овозможат долгорочен и зајакнат придонес на земјата како членка на Алијансата.

Османи и Лосон, се додава, го поздравија неодамнешното формирање на Советот за координација на активностите поврзани со членството во НАТО, кој е составен од сите релевантни институции кои се вклучени во процесот на имплементација на обврските од  нашето членство во НАТО Алијансата, најавувајќи дека наскоро ќе се одржи неговата инаугуративна седница.

По обраќањата, Османи и Лосон ги доделија признанија на учесниците на обуката, наведуваат од МНР. вг/лв/

Фото: МНР

Остани поврзан