• понеделник, 23 декември 2024

Османи: Со ништо не може да се намали важноста и итноста на уставните измени

Османи: Со ништо не може да се намали важноста и итноста на уставните измени

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - Со ништо не може да се намали важноста и итноста на уставните измени. Мораме да ја искористиме отворената врата на ЕУ поради геополитичките случувања на европскиот континент, затоа што во спротивно Македонија друга ваква шанса може да чека со децении, изјави вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“ рече дека се наоѓаме пред сериозен историски моментум. 

-Знам дека политичарите тоа го кажуваат секогаш и веќе губи од тежина. Меѓутоа навистина, после Втората светска војна и формирањето на ЕУ, ваков геополитички моментум немало никогаш со руската агресија во Украина и оттука е нашата итност да фатиме чекор со ова отворање на ЕУ. Често велам дека ЕУ се шири по два принципи-  меритократски и геополитички. Што значи тоа? Дека таа голема железна врата се отвара периодично во одредени геополитички тригери и моментуми, а влегуваат, во тој период на отворена врата тие што се спремни, рече Османи.   

Според него, земјава не смее да ја пропушти оваа шанса. И покрај ставот на опозицијата која е против уставни измени, Османи е оптимист посочувајќи дека покажал оптимизам и на 19 јули 2022 година, кога никој не верувал дека „ќе се пробие процесот“.

- Јас ви кажувам дека ќе го пробиеме пак, и тоа во најдобар интерес, рече Османи. 

За тоа кога е последниот рок за уставни измени, Османи вели дека вратата ќе почне „да се подзатвора по декември, бидејќи повторно фокусот ќе биде Украина.

-Би требало сега со сите сили да го фатиме декември. Но, ако не биде, за мене последниот ден е мандатот на овој Парламент, затоа што сум убеден дека по изборите, ќе биде многу тешко, рече Османи. 

Османи неколкупати нагласи преговарачкиот процес за ЕУ да не се поврзува со протоколите што произлегуваат од Договорот со Бугарија.

Запрашан за тоа кога ќе се одржат претседателските и парламентраните избори, министерот рече дека најверојатно тоа ќе биде во редовниот термин. ев/бак/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан