• среда, 25 декември 2024

Османи: Со забрзување на евроатлантските интеграции ќе ја зајакнеме нашата колективна безбедноста 

Османи: Со забрзување на евроатлантските интеграции ќе ја зајакнеме нашата колективна безбедноста 

Брисел, 3 април 2024 (МИА) - Целта на Северна Македонија e да ги зголеми инвестициите во одбраната до 15 проценти до 2025 година и на прво место останува посветеноста на земјата на зајакнување на поддршката за Украина, која се соочува со предизвиците од руската агресија, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи пред почетокот на состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО во Брисел. 

- Тие предизвици имаат пошироки импликации, бидејќи Украина е само дел од руските империјалистички амбиции, кои се закануваат и на Молдавија, Грузија и Западниот Балкан и тоа наметнува неопходност од синхронизирана акција на НАТО и ЕУ и ја нагласува потребата од забрзување на европските и евроатланските интеграции, со цел да ја зајакнеме нашата колективна безбедноста, истакна Османи. 

На прашање колкав би бил придонесот на Северна Македонија во најавениот фонд на НАТО од 100 милијарди евра за поддршка за Украина, Османи истакна дека земјава е еден од четирите најголеми поддржувачи на Киев меѓу членките на Алијансата според процентот на тие средства од БДП. 

- Ние сме сто проценти усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ во делот на санкциите кон Русија и ќе продолжиме да го правиме тоа. Денеска не можам да зборувам за бројки, но на прво место останува нашата поддршка за Украина - финансиски, воено и политички, додаде Османи.  

Тој нагласи дека денешната министерска средба на НАТО е историска, не само затоа што ќе биде прославена 75-годишнината од формирањето на Алијансата, туку и затоа што на неа првпат учествува и Шведска како 32-ра полноправна членка, додавајќи дека фокусот на состанокот ќе биде насочен на подготовката на јулскиот Самитот на Пактот во Вашингтон, како и на продолжување на поддршката на Украина. сп/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан