• четврток, 26 декември 2024

Османи реферираше пред пратениците за преговорите со Бугарија, за опозицијата тоа е задоцнето

Османи реферираше пред пратениците за преговорите со Бугарија, за опозицијата тоа е задоцнето
Скопје, 16 јуни 2021 (МИА) – Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска пред собраниската Комисија за надворешна политика, реферираше за преговорите што се водат со Бугарија за изнаоѓање решение за деблокирање на ЕУ агендата за нашата држава. За пратенците од опозицијата, ваквото обраќање е задоцнето и требало да се случи многу порано. Претседателот на Комисијата, пратеникот Антонио Милошоски, констатираше дека денешната седница има квалитативен исчекор и дека министерот Османи останал да ја чуе дебатата, но за жал, пратениците од владејачкото мнозинство, како што рече, си заминале од салата и не сакале да разговараат по предложените предлог заклучоци на Комисијата. -  Комисијата би дала Предлог-заклучоци до Собранието, да донесе резолуција со која, што ќе се отфрли Декларацијата усвоена на 10 октомври 2019 година од страна на Собранието во Бугарија како спротивна на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија, потпишан на 1 август 2017 година. Како втор заклучок, Собранието да утврди став за итно и безусловно отпочнување на преговорите со ЕУ со преговарачка рамка, која што нема да биде оптоварена од било какви билатерални спорови, кои што не припаѓаат во европските вредности и стандарди. Трета точка, како предлог-заклучок, Собранието да утврди општ став во кој прашањето за образованието, историографијата и културата се дефинираат како суверени права на секоја држава, а соодветно на тоа надвор од сите норми е да се преговара за посебноста и генезата на македонскиот народ и историскиот континуитет на нацијата, рече Милошоски. Министерот Османи рече дека со внимание ги слушал излагањата и дека бил поканет да даде извештај за преговорите со Бугарија, но оти не бил информиран дека се предлагаат заклучоци. -  Ниту сме во состојба, ниту сметам дека е можно за 15 минути да се изгради став за вакви прашања. Барам да не се пристапи кон гласање на овие заклучоци и да се продолжи со коректниот пристап и дебатата, истакна Османи. Заради немање кворум, Милошоски рече дека не може да се изјаснат по предложените заклучоци и ја прекина работата на Комисијата, посочувајќи дека ваквото напуштање на седницата, само дополнително ќе ја зголеми недовербата. Министерот Османи, во своето обраќање пред Комисијата, посочи дека се подготвени на искрени разговори со добра волја за постигнување на взаемно прифатливо решение со соседот Бугарија, но не по секоја цена и не на штета на државните интереси. Тој, исто така, посочи дека процесот е сложен и дека немањето политичка влада во Бугарија е сериозна пречка, поради што не сакаат да ги подигаат очекувањата на граѓаните. – Важно е да се нагласат следните факти и состојби. Прво – идентитетските прашања како што се македонскиот јазик, македонската етничка посебност, Македонците, не се и не може да бидат на масата на преговори. Второ – сметаме дека предлогот на португалското претседателство претставува добра основа за преговори. Трето – настојуваме да се одржи втората меѓувладина седница меѓу двете држави од која треба да излезе соодветен протокол, а од него и акциски план, кој што треба да премине во патоказ. Четврто – комуникацијата се остварува на различни нивоа со цел да се засили целокупниот билатерален дијалог. Петто – целта е заедничка, одржување на првата меѓувладина конференција и формално започнување на пристапните преговори со ЕУ, нагласи Османи, кој се обрати на македонски јазик, посочувајќи дека тоа го прави поради загриженоста на македонските граѓани. И да не се усвои преговарачката рамка во јуни, како што посочи Османи, веќе е создаден доволно јасен терен со сензибилизација на нашите стратешки партнери и сите земји членки во ЕУ и напорите ќе продолжат веднаш по бугарските избори во рамки на словенечкото претседателство со ЕУ. Пратеникот Љупчо Пренџов од ГРОМ, најпрво му замери на министерот Османи, што во изминатите десет месеци не се појавил пред Комисијата, иако бил повикуван во два наврати да разговара за актуелните прашања. - На нас и на граѓаните не ни беше и се уште не е јасно, зошто одбивате да се појавите, да разговараме, да ги слушнеме взаемните аргументи и да се поставиме стратешки, и да ги зацртаме националните црвени линии, особено кога знаеме дека нашиот источен сосед тоа јасно и гласно го направи, рече Пренџов. Посочи дека побарале проактивен дипломатски пристап и заеднички одговор, но актуелната владејачка коалиција не покажа слух за да се пристапи кон градење на единствена надворешно политичка стратегија и позиции во однос на Бугарија. Пратеникот Кастриот Реџепи од БЕСА ја поздрави денешната расправа во Комисијата за надворешна политика за, како што рече, да може да се дефинира до каде е состојбата и каков е патоказот за пристапните преговори за членство на земјата во ЕУ. - Мислам дека е добро што со присуството на министерот тука и реферирањето за сите активности кои се прават, да се отфрлат сите можни шпекулации дека има договори и дека некој преговара за нешто. Со ова се демантира се и се покажа какви дејствија презема државата и Владата за да ја постигне целта, што сите ние ја очекуваме, изјави Реџепи. Пратеникот Халил Снопче од АА, рече дека е добро што министерот реферирал пред пратениците и дека и тие треба да бидат партнер кон она кон што сите се стремиме. -  Членството во ЕУ е многу значајно прашање и надминување на овие бариери е многу значајно. Тоа бара многу работа и ангажман од сите страни, особено тие што се главни и одговорни за оваа работа, рече Снопче. Односите со меѓународните претставници и соседните држави, посочи тој, треба да бидат исти и не треба да се разликува со дијалогот што се прави внатре во државата. Во продолжението на седницата, пратениците од опозицијата зборува за важноста од носење на заклучоци за позицијата на државата во однос на нашите стратешки цели за членство во ЕУ. Поради немање кворум седницата беше прекината и ќе продолжи кога ќе се создадат услови за тоа.  аа/бак/

Остани поврзан