• четврток, 19 декември 2024

Османи: Потребна е посветеност од државите во регионот, но и од страна на ЕУ за забрзување на евроинтеграциите

Османи: Потребна е посветеност од државите во регионот, но и од страна на ЕУ за забрзување на евроинтеграциите

Скопје, 8 јули 2023 (МИА) - Европската интеграција на земјите од Западен Балкан е двонасочен процес, кој е во интерес на самиот регион, но не помалку Европската унија и нејзините земји-членки. Во недостиг на јасна слика за таквите придобивки, сме завршиле во криза на недоверба и потребно е што поскоро идентификување на интересот кај двете страни, истакнал министерот за надворешни работи Бујар Османи во неговото обраќање на панелот „Западен Балкан: Нов евро-атлантски моментум”, во рамки на Дубровник форум, соопштија денеска од МНР.

Решението, нагласил Османи, лежи во двостраната посветеност - на ЕУ, дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан претставува кредибилен процес, но и на земјите од Западен Балкан, дека нема да притискаат за членство пред да бидат подготвени за тоа.

Во тој процес, дополнително може да помогне забрзаната интеграција, наречена „Повеќе интеграција, пред членство“, која, како што се вели во соопштението, подразбира постепена интеграција на земјите кандидати, преку пристап до фондовите на ЕУ и придобивки од интегративниот процес пред самото членство, која станува формалност на самиот крај.

Османи во обраќањето се осврнал на уставните промени во Република Северна Македонија, за кои, како што нагласил, претставуваат сериозен предизвик.

- Но, се надевам, дека, постоењето на политичка Влада во Бугарија, меѓународната поддршка за процесот и нашата подготвеност да разговараме со новата бугарска Влада, може да значат точка на неповратност во однос на нашиот ЕУ-интегративен процес“, заклучил Османи, се додава во соопштението од МНР. цр/

Фото:МНР

Остани поврзан