• среда, 25 декември 2024

Османи на средба со министерот за надворешни работи на Ерменија, Мирзојан

Османи на средба со министерот за надворешни работи на Ерменија, Мирзојан

Скопје, 8 јули 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи, Бујар Османи остварил билатерална средба со министерот за надворешни работи на Ерменија, Арарат Мирзојан, на која се разговарало за безбедносните предизвици со кои се соочува регионот на Јужен Кавказ и за тоа како да се зачува стабилноста и да се унапреди безбедноста на регионот со помош на механизмите на ОБСЕ.

- Подготвени сме да продолжиме со таквите напори преку постојните механизми и структури на ОБСЕ, како и нови идеи и иницијативи, со цел да се постигнат овие цели. Стоиме зад секој напор кој обезбедува позитивна динамика во поддршка на  спроведување на претходно договорените мерки и идентификација на нови области во насока на стабилизација. Ги поддржувам сите напори што водат кон мир и сите иницијативи кои го олеснуваат дијалогот, ги смируваат тензиите и ја зајакнуваат довербата, се наведува во денешното соопштение од МНР.

Министерот Османи изразил силна поддршка за тековните напори за посредување и за воспоставување стабилност на терен. Како што се додава во соопштението, тој изразил надеж дека искуството и предностите на ОБСЕ може поактивно да се искористат за безбедноста на регионот.

- Како Претседавач, ја повторив нашата подготвеност да ги споделиме нашите искуства во справување со предизвиците и ги посочив на можностите на регионалната соработка, рекол Османи на средбата.

Османи и Мирзојан разговарале и за унапредување на соработката помеѓу Северна Македонија и Ерменија, во разни сфери од заемен интерес.

Од МНР потсетуваат дека Османи во својство на претседавач со ОБСЕ беше во посета на Ерменија, во април оваа година. цр/

Фото:МНР

 

Остани поврзан